Photo by Christian Wiediger on Unsplash

Објавата шири невистини дека реалната инфлација во Германија е над 45 отсто, а како „доказ“ е прикажана илустрација на која се гледа дека еден економски индекс за април изнесува 45,8 отсто. Но, овој индекс не ја прикажува инфлацијата, туку станува збор за сосема друг индикатор. Како што пишува и на самата фотографија, станува збор за  Индекс на големопродажните цени на производителите во Германија или Producer Price Index (PPI), којшто ја мери стапката на промена на цените на продадените производи кога тие го напуштаат производителот. Индексот со којшто се мери инфлација е наречен Индекс на потрошувачки цени или Consumer Price Index (CPI) и тој ја мери просечната промена на малопродажните цени на стоките и услугите од потрошувачката кошница на домаќинствата. Официјалните податоци говорат дека стапката на инфлација во Германија за август 2022 година е 7,9 отсто, односно имала пораст од 0,4 отсто во однос на претходниот месец кога била измерена инфлација од 7,5 отсто, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

На објава на социјалната мрежа Фејсбук се тврди дека инфлацијата во Германија била 45,8 отсто. Ова е погрешна информација и целосно погрешно интерпретирање на податоците од презентираниот графикон.

ЗАПАДОТ ИМА ЛИДЕРИ ……..

Инфлацијата во Германија продолжува да расте!

Прогноза: 37,1% –> Реални 45,8%

На објавата којашто тврди дека реалната инфлација во Германија е 45,8 отсто, како доказ дека бројката е точна и реална прикачена е една илустрација на којашто навистина прикажува дека еден економски индекс за април покажува 45,8 отсто.

Но, не е точно дека овој индекс ја прикажува инфлацијата. Ова е сосема друг индекс којшто покажува друга состојба. Имено, како што пишува и на самата фотографија, прикажан е, всушност, Индекс на големопродажните цени на производителите или Producer Price Index (PPI).

Овој индекс ја мери стапката на промена на цените на продадените производи додека тие го напуштаат производителот.  Индексот на цените на производителите за индустриски производи (домашна продажба) ја мери просечната промена на цените на суровините и индустриските производи произведени и продадени во Германија. Примери за нив вклучуваат нафтени производи, метали, основни хемикалии и прехранбени производи. Производителите на овие стоки припаѓаат на производствениот сектор, секторот за енергетика и водоснабдување и рударскиот сектор.

Инфлација од друга страна, пак, е нешто сосема друго. Индексот со којшто се мери инфлација е наречен Индекс на потрошувачки цени или Consumer Price Index (CPI). Овој индекс ја мери просечната промена на малопродажните цени на стоките и услугите кои домаќинствата ги купуваат за своите потрошувачки потреби. Тие вклучуваат, на пример, прехранбени производи, други производи за широка потрошувачка, станбени кирии, електрична енергија, горива и услуги.

Во Германија, најважните категории во индексот на потрошувачките цени се домување, вода, струја, гас и други горива (32 проценти од вкупната тежина), транспорт (13 проценти), рекреација, забава и култура (11 проценти) и храна и безалкохолни пијалаци (10 проценти). Индексот вклучува и разни стоки и услуги (7 проценти), мебел, опрема за осветлување, апарати и друга опрема за домаќинство (5 проценти), услуги за ресторани и сместување (5 проценти), здравје (5 проценти) и облека и обувки (5 проценти). Останатите 7 проценти од индексот го сочинуваат Алкохолни пијалаци и тутун, комуникација и образование.

Официјалните податоци говорат дека стапката на инфлација во Германија за август 2022 година е 7,9 отсто односно имала пораст од 0,4 отсто во однос на претходниот месец кога била измерена инфлација од 7,5 отсто.

Ова е сосема различно од индексот на големопродажните цени на производите кој што во август 2022 година бил 45,8 отсто на годишно ниво, со пораст од 8,6 отсто на месечно ниво, значи во однос на јули 2022 година, кога овој индекс пораснал до нивото од 37,2 отсто во однос на јули 2021 година.

Несомнено е дека индексот на големопродажните цени влијае на инфлацијата. Експертите најавуваат дека порастот на овој индекс значи дека и инфлацијата ќе порасне и дека во следните неколку месеци може да достигне и до 10 отсто.

Зголемените цени на енергијата поради руската војна против Украина остануваат главниот двигател зад растечките цени, пишува Политико.

Но, никако од сето ова не може да се изведе заклучок дека инфлацијата во Германија е 45,8 отсто. Во Фејсбук објавата што е предмет на рецензија се прави манипулација со фактите и бројките и со тоа се измамува јавноста да поверува во нешто што не е вистина. Притоа, со самата фраза „западот има лидери“ се алудира на тоа дека инфлацијата (којашто невистинито е преставена дека е огромна) е резултат на лошо лидерство во западните земји. Но, инфлацијата, сепак, зависи и е поврзана со многу други фактори, а пред сè, се должи на енергетската криза што е предизвикана од воената инвазија на Русија врз Украина.

 

***

Овој напис е изработен во рамките проектот Промовирање на пристап до веродостојни вести за борба против дезинформации, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.