Не постои ниту еден доказ ниту истражување, кое покажува дека витаминот Ц е лек за ракот. Од Мајо клиниката велат дека сè уште нема докази дека витаминот Ц сам може да излечи рак. Истражувачите проучуваат дали тој може да ја зголеми ефикасноста на другите третмани за рак, како што се хемотерапијата и терапијата со зрачење, или да ги намали несаканите ефекти од тие третмани. Некои студии сугерираат дека витаминот Ц може да помогне во ублажувањето на некои од несаканите ефекти од третманот на ракот. Но, други клинички испитувања мораа да бидат прекинати рано поради сериозни несакани ефекти предизвикани од самиот витамин Ц. Има студии кои дури сугерираат дека витаминот Ц може да им смета на некои антиканцерогени лекови, при што една студија покажа дека може дури и да ги заштити клетките на ракот на дојката од лекот тамоксифен,, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.
Текстот подолу го пренесуваме во целост:
Во објава на социјалната мрежа Фејсбук се тврди дека витаминот Ц е лек за ракот и дека може да ги замени стандардните лекови за хемотерапија. Ги проверивме овие наводи и утврдивме дека тврдењето е лажно.
Лек за рак .
Витамин Ц директно во вена.
Исто како кемотерапија,само што овој начин не ги убива здравите клетки,само клетките со канцер.
Лекот е 5 пари.
На објавата е прикачено видео старо 13 години односно објавено во 2009 година, кое прикажува лекар кој тврди дека високата доза на витамин Ц кога се дава директно преку вена може да ги замени стандардните лекови за хемотерапија.
Мајо клиниката објави напис под наслов „Високи дози на витамин Ц: Дали може да ги убие клетките на ракот?“, каде што се вели дека интересот за користење на многу високи дози на витамин Ц како третман за рак започнал уште во 1970-тите кога било откриено дека некои својства на витаминот може да го направат токсичен за клетките на ракот. Првичните студии кај луѓето имале ветувачки резултати, но подоцна било откриено дека овие студии се погрешни.
Последователните добро дизајнирани и контролирани испитувања на витаминот Ц во форма на таблети не откриле такви придобивки за луѓето со рак. И покрај недостатокот на докази, некои лекари од алтернативна медицина продолжуваат да препорачуваат високи дози на витамин Ц за третман на рак.
Во поново време, беше откриено дека витаминот Ц даден преку вена (интравенски) има различни ефекти од витаминот Ц земен во форма на таблети. Ова поттикна обновен интерес за употреба на витаминот Ц како третман за рак.
Но сè уште нема докази дека витаминот Ц сам може да излечи рак. Истражувачите проучуваат дали тој може да ја зголеми ефикасноста на другите третмани за рак, како што се хемотерапијата и терапијата со зрачење, или да ги намали несаканите ефекти од тие третмани. Сè уште не се направени големи, контролирани клинички испитувања кои покажале значителен ефект на витаминот Ц врз ракот, но некои прелиминарни студии сугерираат дека може да има корист од комбинирањето на стандардните третмани со високи дози на витамин Ц. Се додека не се завршат клиничките испитувања, прерано е да се утврди каква улога може да игра витаминот Ц во лекувањето на ракот, велат од Мајо клиниката.
Некои студии сугерираат дека витаминот Ц може да помогне во ублажувањето на некои од несаканите ефекти од третманот на ракот. Но, други клинички испитувања мораа да бидат прекинати рано поради сериозни несакани ефекти предизвикани од самиот витамин Ц.
Некои студии дури сугерираа дека витаминот Ц може да им смета на некои антиканцерогени лекови, при што една студија покажа дека може дури и да ги заштити клетките на ракот на дојката од лекот тамоксифен.
Севкупно, истражувањата даваат збунувачка слика. Но, бидејќи нема докази дека внесот на витамин Ц лечи рак, па дури и може да предизвика штета, овој витамин наскоро нема да стане третман против рак .
Бидејќи не постои ниту еден доказ ниту истражување, кое покажува дека витаминот Ц е лек за ракот, оваа објава, која што категорично тврди дека лекот за ракот е пронајден и дека тоа е витамин Ц, ја сметаме за неточна.
Ваквите тврдења, за коишто не постојат сигурни докази и релевантни истражувања, само им даваат лажна надеж на оние кои што ќе ја прочитаат објавата а се борат со оваа кобна болест. Освен што може да им дадат лажна надеж, ваквите објави може и да ги наведат заболените од рак да се откажат од стандардните и од доктор препорачани третмани за нивната болест. Ова може да има огромен ефект врз нивното здравје и да има страшни несакани последици.
Затоа, со огромна внимателност треба да им се пристапува на ваквите објави и никако да не се верува во нешто што не е медицински докажано или нешто што не ви го препорачал и потврдил вашиот доктор.