Image by Bruno /Germany from Pixabay

Под влијание на многу топла воздушна маса од југ, во Македонија претстојнава недела пристигнува првиот топлотен бран со дневни температури кои ќе достигнат и над 40 степени во делови од земјава. Нестабилното време со повремен дожд, грмежи и засилен ветер ќе се задржи уште во текот на утрешниот ден, а од вторник следи период на стабилно и многу топло време со натпросечни температури за овој период од годината.

„Во вторник насекаде ќе бидат над 30, а во следните денови во повеќе места над 35, додека во најтоплите делови од земјата ќе достигнат околу 40 степени“, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).

Најтопло време се очекува во четврток и петок, кога максималните температури во југоисточните делови од земјава ќе достигнат и до 41 целзиусов степен. Врнежи од дожд не се очекуваат, додека УВ индексот во овие денови се прогнозира дека ќе изнесува 9.

Претстојниве денови се очекува и слаб до умерен ветер од северозападен правец, кој во комбинација со високите температури може да ја зголеми опасноста од настанување пожари на отворено.