fbpx

Наплатата на приходите во април била за 1,4 милијарди денари повеќе од очекуваното

-

Наплатата на приходите во април е подобра за 1,4 милијарди денари од најоптимистичкото сценарио за реализација на приходите во услови на корона кризата, изјави министерката за финанасии Нина Ангеловска на денешната прес-конференција.

„Наплатата на приходите од почетокот на годината е за 4,9 проценти пониска во однос на минатата година. Согласно основното сценарио на Министерството за финансии за економскиот резултат во 2020 година проектирано е забавување на економската активност за -3,4 проценти со тоа што ефектите од корона кризата врз економијата, се очекува да бидат најголеми во второто тримесечје, во третото се очекува забавување на контракцијата, додека во четвртото закрепнување на економијата и раст,“ додаде Ангеловска.

Буџетските приходи во месец април изнесуваат 14,2 милијарди денари, што претставува пад од 20 проценти споредено со април минатата година, од кои даночните се 7,2 милијарди денари или за 31 проценти помалку во однос на лани, додека придонесите се реализирани во износ од 5,5 милијарди денари што е на исто ниво со лани.

„Имајќи ги предвид рестриктивните мерки за заштита на здравјето на граѓаните, запирањето на економските активности или отежнувањето на некои синџири на набавка, падот на приходната страна е очекуван. Сепак во основното сценарио кое Министерството за финансии го имаше направено на почетокот на коронакризата, таканареченото поповолно сценарио, проектираниот пад за април е повисок од реализираниот, односно изнесува 40 проценти на даночните приходи. Ова значи дека имаме подобра наплата за 1,4 милијарди денари во однос на корона проекциите за месец април, односно нашето разработено сценарио може да се каже дека било поконзервативно или претпазливо,“ додаде Ангеловска.

Најголемо натфрлање има кај данокот на добивка.

„Од вкупно наплатените приходи од данок на добивка во април кои изнесуваат 1,43 милијарди денари, 790 милиони денари се од уплатен данок на добивка по годишен биланс што е позитивен податок кој говори за успешните резултати на компаниите остварени минатата година. Придонесите во април не бележат пад односно се остварени на ниво од минатата година. Од почетокот на годината, заклучно април, наплатата на приходите во буџетот е за 4,9 проценти пониска во однос на истиот период лани,“ додаде Ангеловска.

Наплатата на даночните приходи е за 9,1 проценти пониска во однос на лани, што најмногу се должи на падот на наплатата на ДДВ за 14,6 проценти. Наплатата на придонесите има раст од 9,2 проценти во однос на минатата година.

„Наплатата на придонесите има раст од 9,2 проценти во однос на минатата година, што е показател дека годината започна одлично со раст на вработеноста и платите. Во растот на платите значајна улога одигра и мерката за поддршка на приватниот сектор за покачување на платите која ја искористија над 22.000 компании и ги покачија платите на околу 120.000 вработени. Вкупните приходи се реализирани во износ од 27,3 проценти согласно планот, додека вкупните расходи 30,4 проценти“, рече Ангеловска.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Со автоматска пушка влегол во казино во Лешок и украл над 300.000 денари

Наредба за истражна постапка против 28-годишен жител на селото Непроштено, Општина Теарце, кој е осомничен за разбојништво и поседување автоматска пушка, донесе Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Тетово. Во...