fbpx

Најмалку 56 загинати цивили во борбата за превласт во Судан

Актуелните борби се водат помеѓу силите лојални на генералот ал-Бурхан и паравоените трупи со кои командува досегашниот заменик-лидер на Судан, генералот Мохамед Хамдан Дагало

-

Неочекуваните жестоки борби за превласт кои вчера го зафатија Судан досега предизвикаа смрт на 56 цивили, јавува Би-би-си. Во третата по големина африканска земја започнаа борби меѓу суданската војска и паравоените Сили за брза поддршка во однос на предложената транзиција кон цивилна власт во Судан.

Жителите на главниот град Картум се разбудиле со истрели од огнено оружје, при што паравоените трупи се обиделе да го заземат меѓународниот аеродром, претседателската палата, главниот штаб на армијата и државната телевизија на Судан. Како резултат на борбите, најмалку 25 лица загинале во Картум вчера.

И суданската армија, но и паравоените трупи, во текот на вчерашниот ден тврдеа дека воспоставиле контрола над клучните објекти во суданскиот главен град, иако жестоки борби се слушаа во текот на денот од неколку локации во Картум.

Истрели од оружје и борби се регистрирани и во внатрешноста на земјата, вклучувајќи ги градовите Порт Судан на Црвеното море, Бахри и Омдурман. Суданската армија соопшти дека ги гаѓа базите на Силите за брза поддршка со авиони и ги замоли граѓаните да останат во своите домови.

Суданскиот лекарски комитет соопшти дека најмалку 595 лица биле повредени во борбите меѓу двете страни.

Светската програма за храна како тело на Обединетите нации информираше дека тројца нивни вработени биле убиени откако суданската армија и паравоените трупи размениле оган околу воената база во Кабкабија во западниот дел на Судан.

Судан во изминативе две децении мина низ тектонски промени, најпрво откако Јужен Судан се отцепи и прогласи независност во 2011 година. Со ова, Судан го изгуби приматот на најголема африканска земја. Во октомври 2021 година, беше извршен воен удар во Судан, при што воена власт воспостави генералот Абдел Фатах ал-Бурхан.

Актуелните борби се водат помеѓу силите лојални на генералот ал-Бурхан и паравоените трупи со кои командува досегашниот заменик-лидер на Судан, генералот Мохамед Хамдан Дагало.

Паравоените Сили за брза поддршка соопштија дека ќе продолжат со борбите додека не ги заземат сите армиски бази во Судан.

Наспроти нив, суданска армија ја отфрли можноста за преговори со Силите за брза поддршка до моментот на „распуштање на паравојската“.

Меѓународната заедница побара од спротивставените страни под итно да ги прекинат борбите во Судан. Европската Унија, САД, Велика Британија, Кина и Русија повикаа на прекин на судирите, додека генералниот секретар на Обединетите нации разговараше со генералите ал-Бурхан и Дагало, барајќи од нив да стават крај на насилството.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Патот до слободниот пристап до информации поплочен со тужби, нетранспарентност и молк од администрацијата

Колкава плата зема одреден министер, директор, функционер? Колку пари потрошиле пратениците за патни трошоци? Колку судски пресуди се донесени за семејно насилство? Колку чинело новогодишното украсување за секој град...