Најголем број на бруцоши се собраа во Филхармонија на првиот академски час на ФИНКИ

Фото: Првиот академски час на студентите на ФИНКИ во октомври 2022 година во зградата на Филхармонија | Фото: Мета.мк

Најголем број на бруцоши денес се собраа во Филхармонија на првиот академски час за учебната 2022/2023 година на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

На свечената церемонија на новозапишаните студенти им беа доделени индексите, а на најдобрите матуранти им беа доделени стипендиите.

На студентите им се обрати деканот, проф. д-р Боро Јакимовски, кој истакна дека ФИНКИ е најголемиот факултет во Македонија и во Југоисточна Европа и дека годинава има повеќе од 1.100 нови студенти.

„Горди сме што во последните 10 години сме факултет со најмногу студенти и најмногу научни трудови. Го избравте ФИНКИ, сега вие сте ФИНКИ. Ние создаваме услови за да добиете знаење“, рече тој додавајќи дека целта на факултетот е да создадат инженери кои ќе креираат свои бизниси и апликации.

Инаку, најмногу слободни места за студенти во прва година годинава имаше на Природно-математичкиот и Филолошкиот факултет при УКИМ, како и на ФИНКИ.