Прв академски час во новата учебна година, студентите се враќаат во предавалните и амфитеатрите

Фото: Универзитет „Гоце Делчев“ (УГД) - Штип (03.10.2022)

По две и пол години претежно поминати дома во учење од далечина, студентите денеска се вратија во нивниот природен дом – амфитеатрите и предавалните на факултетите. Државните универзитети денеска го одржаа првиот академски час за новата генерација на студенти со што се означи почетокот на новата академска 2022/2023 година.

„Ниту една од дигиталните алатки и платформи, без кои не можевме да функционираме во изминатиов период, не може во виртуелниот простор да ја долови оваа прекрасна и трпеливо чекана атмосфера“, рече ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Никола Јанкуловски, поздравувајќи ги новите бруцоши на првиот и најголем универзитет во земјава.

Тој присуствуваше на првиот академски час на Економскиот факултет при УКИМ, каде на студентите им порача дека од денес тие свечено му припаѓаат на универзитетот, што претставува чест, но и голема обврска.

“Пред сите нас стојат многу предизвици, наша задача, наша желба е да ви пренесуваме знаења, да ве воведуваме во непресушните извори и светските научни дострели на фундаменталните и на апликативните науки.  Денес започнувате со нова развојна етапа која бара сериозен пристап, затоа што суштински ќе ви ги дефинира и ќе ви ги насочи вашите животи“, им рече ректорот Јанкуловски на студентите во своето обраќање.

На новите бруцоши им порача да работат вредно, да им се посветат на студиите и да соработуваат меѓусебно и со професорите.

„Сите ние, вклучително и нашата држава, сметаме на вас и се гордееме со вас“, порача Јанкуловски.

На првиот академски час на Економскиот факултет присуствуваше и премиерот Димитар Ковачевски.

„Драги студенти, светот, регионот и нашата држава забрзано се менуваат. Во некои периоди имаме успеси, во некои периоди се соочуваме со голем број на предизвици и кризи, како сегашната во која се соочуваме со најголемата економска, безбедносна и енергетска криза во последните децении“, рече Ковачевски.

Како што им посочи тој на новите студенти, „ако не можеме самостојно да избираме кога и каде ќе се родиме, тогаш сигурно можеме да влијаеме како и на кој начин ќе учиме, како ќе работиме и како ќе живееме за да ја менуваме сегашноста и да ја подготвуваме инднината за да ја исполниме целта на секој човек – да живееме во демократска, отворена, економски развиена држава во која секој граѓанин има своја шанса да се докаже и успее, да живее во стабилна, мултикултурна и мултиетничка држава во која владее ред и поредок“.

фото: Димитар Ковачевски, Фејсбук

Ковачевски на студентите на Економскиот факултет им вети дека Владата ќе им пружи поддршка за стипендирање и вработување, како и повеќе инвестиции во орбазованието и научно-истражувачката дејност.

„За жал, пандемијата претходно нѐ спречи во многу работи. Сега, надевајќи се дека сето тоа е целосно зад нас, ви посакувам многу успешно студирање, кратки студентски престои на европските универзитети, многу другарувања и студентски забави и завршување на студиите во предвидениот рок, а потоа вратите и работното место во националниот бизнис и институции ви се отворени за да продолжиме да ја менуваме дражвата кон подобро. Со вас и студентите по вас, уверен сум дека ќе работиме во држава-членка на Европската Унија“, рече Ковачевски.

На отворено, симболично во знак на збогување со тешките ковид години, со Бруцошка забава започна новата академска година и на Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД) во Штип. Ректорот на универзитетот, Дејан Мираковски, истакна дека УГД ќе биде општествено одговорона организација која ќе го поддржува најдоброто во општеството и ќе одговори на потребите и бараањата на студентите.

„На бруцошите би сакал да им посакам срдечно добредојде, се надевам дека Универзитетот ќе биде место во кое покрај учењето, покрај библиотеките, амфитеатрите и предавалните ќе можат да склучат многу нови пријателства, ќе поминат многу пријатни моменти, и оттука ќе излезат како академски граѓани, градители на нашето општество, бидејќи просперитетно општество може да се гради само со образована младина, а образованието не е само знаење туку е еден вид поттик за акција и се надевам дека токму тоа ќе го добијат на нашиот Универзитет“, порача Мираковски.

фото: Универзитет „Гоце Делчев“ (УГД) Штип

Во рамки на настанот, ректорот на УГД им додели признанија и вредносни ваучери на неколку млади таленти од државата, како и дополнителни ваучери на десет бруцоши по случаен избор.

фото: Универзитет „Св. Климент Охридски“ (УКЛО) Битола

Свечен почеток на новата академска година имаше и на битолскиот Универзитет „Св. Климент Охридски“ (УКЛО). Новиот ректор Игор Неделковски изрази уверување дека бруцошите на УКЛО ќе имаат успешен и плоден академски живот и академска година. На свеченоста на првиот академски час на УКЛО присуствуваше и министерот за образование и наука, Јетон Шаќири.