Деспотовски понуди решение за дислокација на БРО, Бирото обвинува за притисоци

Она што изненадува во целата „приказна“ е зошто изминатите години ФИНКИ не беше „гласен“ и не притискаше за завршување на објектот наменет за Факултетот, зошто и сега не бара друго трајно решение, друга локација, туку притиска за добивање „привремени објекти“, дотраени бараки на друга институција, иако студентите „трчаат за зграда“, за нови простории, за подобри услови и тоа јавно го кажуваат, не сакаат бараки, туку современи простории, се вели во соопштението на БРО.

Бараките на БРО што ги бара ФИНКИ | фото: Мета.мк

Директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони (ТИРЗ), Јован Деспотовски, вчера изрази поддршка за протестот на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), а даде и предлог-решение на проблемот со кој се соочува овој факултет.

Деспотовски предложи Бирото за развој на образованието (БРО) да се пресели во сегашните простории на ТИРЗ, а ФИНКИ да ги преземе бараките што ги бара на Техничко-технолошкиот кампус на УКИМ, а во кои сега е сместено Бирото.

На настанот кој е дел од проектот на ТИРЗ „Иднината почнува дома“, директорот на Дирекцијата информираше дека ТИРЗ сега има нови канцеларии, со што ќе ги ослободи досегашните кои се наоѓаат во Центар.

„Со овој денешен настан изразуваме поддршка за протестот на ФИНКИ со цел да се обезбедат нивните услови. Дирекцијата на ТИРЗ го понуди постојниот простор во строгиот центар на градот за сите државни институции, пред сè, за Бирото за развој во образованието, да ги користат без ограничување. За возврат, Бирото треба да излезе во пресрет на барањата на ФИНКИ и да ги отстапи бараките што ги користи за потребите на студентите“, рече вчера Деспотовски.

Деканот на ФИНКИ, Боро Јакимовски, на вчерашниот протест ги повтори барањата – дислокација на Бирото за развој на образованието (БРО) од Техничко-технолошкиот кампус и предавање на овие простории на факултетот, но само како краткорочно решение.

„Во исчекување на позитивен одговор од Владата за дислокација на Бирото за развој на образованието од Техничкиот кампус со цел привремено да се решат нашите просторни проблеми, сакаме да ја подигнеме свесноста за нашиот проблем. Секако тука дојдовме да побараме и од следната Влада што побрзо да се залага за трајно решение на проблемот“, изјави вчера Јакимовски.

Од Бирото за развој на образованието денеска реагираа на ваквите изјави и барања. Од БРО велат дека, иако јавно го поддржаа ФИНКИ во решавањето на просторниот проблем, „притисоците за дислоцирање на Бирото продолжуваат и вклучуваат нови актери“.

„Она што изненадува во целата „приказна“ е зошто изминатите години ФИНКИ не беше „гласен“ и не притискаше за завршување на објектот наменет за Факултетот, зошто и сега не бара друго трајно решение, друга локација, туку притиска за добивање „привремени објекти“, дотраени бараки на друга институција, иако студентите „трчаат за зграда“, за нови простории, за подобри услови и тоа јавно го кажуваат, не сакаат бараки, туку современи простории“, се вели во соопштението на БРО.

Од Бирото велат дека нивната дејност не е административна, туку стручна и образовна, со голем број други надлежности кои се во функција на учениците и наставниците. Децидни се дека нема да прифатат избрзани решенија за дислокација на институцијата.

„Токму затоа, изненадуваат „пазарењата“ во јавноста, преку медиумите, не само на раководството на ФИНКИ, туку, сега и на „поддржувачи“ од државни институции, кои го нудат „својот“ имот за „административците“ од Бирото. Затоа, повторно се обраќаме и порачуваме дека нема да прифатиме „наддавања“ и избрзани решенија за дислокација на институцијата, без да се земат предвид спецификите поврзани со дејноста и потребите на институцијата, согласно бројот на вработени и согласно услугите што ги дава на повеќе од 23.000 наставници, без да се изработи архитектонски проект и да се обезбедат целосно уредување на соодветен простор и соодветни услови за работа“, велат од БРО.

Јавно прашуваат дали при акредитацијата на студиските програми ФИНКИ навел дека има обезбедено просторни услови за изведување на наставата, што е услов за акредитација на студиската програма.

„Дали условите за акредитација на програмите (податоци за просторот) кои се наведени одговараат на бројот на запишани студенти? Дали „вината“ е во Агенцијата за квалитет во високото образование што дозволила акредитација без соодветни услови, или е кај ФИНКИ кој прикажал услови што, всушност, ги нема?“, прашуваат од Бирото за развој на образованието.

На вчерашниот протест, деканот на ФИНКИ рече дека доколку не добијат зелено светло од Владата за дислокација на БРО, ќе продолжат со протестите, бидејќи факултетот „не гледа друго решение“.

Долгонајавуваната зграда што треба да ја добие ФИНКИ, а која почна да се гради на Општествениот кампус на УКИМ, остана недоградена. Надежите дека изградбата ќе продолжи се вратија минатата година, но повторно замреа кога тоа не се случи. Во Буџетот за 2024 година не се предвидени средства за продолжување на изградбата на зградата на ФИНКИ и неговиот несуден сосед – Факултетот за физичко образование, спорт и здравје (ФФОСЗ).