За да се добие било каков одговор од Министерството за здравство за теми од јавен интерес од кои се засегнати граѓаните, мора во чекор да се прати агендата на министерот за здравство Фатмир Меџити, па во периодот додека е на некој настан, во посета на некоја болница или пушта во употреба нов апарат, да се искористи по некоја минута за да му се постави прашање.
Ова е впрочем и единствениот начин за да се добие некаков одговор од оваа институција, бидејќи ниту министерот за здравство Меџити, ниту пак било кој од неговиот кабинет не одговара на новинарските прашања испратени на официјалната електронска пошта за односи со јавност. И сите останати начини да се стапи во контакт со министерот или пак со неговиот шеф на кабинет, Берна Шерифовска, се залудни. Ниту еден од нив не одговара на телефонски повици или пак на смс пораки.
Во ова се уверија редакциите на Мета.мк и на Порталб.мк, после многубројните обиди да добијат одговори од Министерството за здравство за теми од интерес на граѓаните. А такви не се малку, со оглед на тоа што од ова министерство зависи секој сегмент од здравствениот систем. Соопштенијата од по неколку реда што пристигнуваат од Министерството за здравство го прикажуваат само оној сегмент што министерот сака граѓаните да го знаат, но не и она што новинарите сакаат да го постават како прашање или пак да побараат дообјаснување.
Десетици повици и пораки во празно
Министерот Меџити, кој инаку доаѓа од партијата Алијанса за Албанците, дојде на функцијата кон крајот на февруари годинава и за свој портпарол ја постави Берна Шерифовска – апсолвентка на Медицинскиот факултет, претходно во јавноста позната како државен првак по џудо.
Пред два месеца, Шерифовска на својот профил на ЛинкедИн објави фотографија со министерот Меџити, со тврдење дека и официјално станала портпарол на Министерството.
Но, и таа, и министерот Меџити, ретко се достапни за изјави во јавноста, кога станува збор за теми што ги обработуваат новинарите надвор од агендата на министерот.
Па така, Порталб.мк неодамна ја отвори темата дека зад поликлиниката „Бит Пазар“ приватни лица го узурпирале државното земјиште, во дворот на поликлиниката и направиле див паркиг. Со години, граѓаните незаконски се принудени да плаќаат паркинг, а институциите не реагираат. Порталб.мк долго време бара одговор од Министерството за здравство за тоа какви мерки ќе преземе против менаџментот на поликлиниката од каде не било пријавено дека нивниот двор зад објектот е узурпиран.
За овој случај, Обвинителството веќе отвори предмет за да се утврди одговорност.
Одговорите за случајот од Министерството за здравство Порталб.мк ги чека три недели, односно од 7 јуни, кога беа испратени прашања на електронската пошта. Одговори не стигнаа. На 9 и на 12 јуни прашања преку смс пораки беа испратени и до Шерифовска.
На 13 јуни од Министерството за здравство стигна краток одговор, во кој само бевме упатени да се обратиме до општината и до Град Скопје. СМС пораки со барање за дообјаснување беа пратени и на 13, 15, 16, 19 и 26 јуни и се обидовме да стапиме во контакт со портпаролот точно 12 пати.
На 19 јуни Порталб испрати и Барање за слободен пристап на информации од јавен карактер за конкретната тема. На 7, 15, 16 и 26 јуни, телефонски беше контактиран министерот Меџити, а испратена му беше и СМС порака, но тој не одговори, ниту пак крена слушалка.
Истовремено, Мета.мк работејќи на тема за дигитализација и за сајбер безбедност, побара интервју или пак писмени одговори во врска со дигиталните апликации „Е-здравство“ и „Мое здравје“ кои ги промовираше министерот Меџити. Во три наврати беа испратени прашања и барања за интервју, почнувајќи од 13 јуни. Залудни беа и неколкуте обиди телефонски да контактираме со министерот Меџити и со неговата портпаролка. Предмет на наш интерес беше колку во време на хибридни и сајбер напади, овие апликации, кои ги содржат најсензитивните информации за граѓаните кои се однесуваат на нивното здравје, се безбедни и на кој начин се заштитени.
Два пати требаше да прашуваме и зошто болните од дијабет со месеци немаат ленти за мерење шеќер, за после неколку денови чекање, на 15 мај годинава, да добиеме одговор дека „постапката за јавна набавка на ленти и игли за мерење гликемија е во финална фаза, по што ќе следи нивна дистрибуција“.
Ленти за мерење шеќер пациентите сè уште немаат, веќе половина година.
Мулачка: Одговараат само на прашања кои ним им одговараат
„Министерството за здравство е еден од секторите, кој треба да биде најмногу транспарентен, со оглед на тоа што се работи за најсензитивните и болните теми во општеството, од кои зависи човечкиот живот“, вели новинарката од „Фокус“ Ирена Мулачка, која со години се бави со теми од здравствениот систем.
Таа вели дека досега, сите министри се респонзивни по прашања на новинарите кои само на нив им одговараат, а доколку прашањето не оди во нивен прилог, тогаш автоматски се игнорира.
„Актуелниот министер само неколку месеци е на функција, но има доста слаба соработка со повеќето новинари, што никако не му оди во прилог, затоа што преголемата суета ќе му се удри од глава. На крајот од денот, ние како новинари правиме теми од јавен интерес, кои ги засегаат граѓаните и тие треба да одговараат на нашите прашања во секое време“, вели Мулачка.
Министерот Меџити досега има остварено само една средба со новинарите кои ги третираат темите од здравството, кога беше назначен за министер.
Автори: Мери Јордановска и Суад Бајрами