Од септември 2020 година се реконструира и проширува автопатската делница од Катланово до Петровец и до денешен ден не е завршен овој проект. Повеќе од една година на терен не се одвиваат градежни работи, а возачите кои секојдневно плаќаат патарина се приморани да возат по делот од автопатот во правец од Скопје кон Велес во двете насоки, како на обичен пат. Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски вели дека новоизбраниот изведувач ќе ја заврши санацијата на автопатот догодина.
Граѓаните веќе 15 месеци по ред плаќаат патарина во висина од 80 денари по правец меѓу Велес и Петровец, но не можат да патуваат по автопат во должина од 10 километри, меѓу Катланово и Петровец. Најпогодени се жителите на Велес кои секојдневно одат на работа во Скопје, но оваа автопатска делница е и една од најфреквентните патишта во земјава и е дел од паневропскиот Коридор 10.
Во одговор на новинарско прашање, министерот Бочварски денеска изјави дека е раскинат договорот за изведба со првичниот изведувач на работите, бидејќи во зададениот рок за завршување на проектот, прогресот на работите на терен изнесувал само околу 10 проценти.
Тој додаде дека му била дадена уште една шанса на тогашниот изведувач да продолжи со градежните работи и да покаже активност на терен, но тоа не се случило и во консултација со Европската банка за обнова и развој, која дава поддршка за проектот, договорот со компанијата бил раскинат. Во 2022 година се направил пресек на работите, се распишал нов повик за избор на изведувач и веќе е избрана нова градежна компанија која е воведена во работа.
„Се вршат почетните мерења на трасата и очекувам почетокот на наредна година согласно временските услови веќе да продолжат градежните работи и со силна динамика да продолжи со работа новата градежна компанија и да ја заврши оваа делница“, рече Бочварски, додавајќи дека реконструкцијата треба да заврши во 2023 година.
Покрај поставувањето на нов асфалт на автопатската делница, со проектот се гради и дополнителна коловозна лента, бидејќи досега од Катланово до Петровец автопатот имаше само две коловозни ленти.