Се реконструира автопатот Петровец-Катланово, граѓаните бараат да се работи навечер

-

Јавното претпријатие за државни патишта ја започна реконструкцијата на автопатската делница Петровец-Катланово на патниот Коридор 10. Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и директорот на ЈП за државни патишта Зоран Китанов денеска извршија увид во градежните работи на проектот вреден 7,2 милиони евра. Градежните екипи работат на рехабилитација на коловозот во вкупна должина од 10 километри во двата правци.

Покрај поставувањето на нов асфалт, со проектот се предвидува изградба на дополнителна лента на автопатот. Директорот на ЈП за државни патишта Зоран Китанов објасни дека делницата Петровец-Катланово е најстариот дел на автопатот, којшто требало да се рехабилитира пред десетина години.

– Во моментов на овој потег има само две коловозни ленти. Проширувањето ќе биде во внатрешниот зелен појас на автопатот со што ќе се избегне дополнителна експропријација. Овој регион ќе биде едно големо градилиште бидејќи во октомври ќе се распишат тендери за рехабилитација на автопатот А4 делница Хиподром–Петровец, Миладиновци–Петровец, Миладиновци–Хиподром како и рехабилитација на регионалниот пат Р1102 делница Катланово–Велес – изјави директорот Китанов.

Градежните работи на оваа автопатска делница се очекува да се завршат за 12 месеци. А токму рокот на изведба и временскиот период во кој се изведуваат градежните работи е голем проблем за граѓаните кои секојдневно патуваат меѓу Скопје и Велес. Покрај рехабилитацијата на автопатот Петровец-Катланово, во моментов Градот Скопје врши санација на коловозот на булеварот Александар Македонски меѓу населбите Автокоманда и Хиподром.

Поради секојдневните гужви во утринските и попладневните часови, граѓаните кои со автомобили или автобус патуваат меѓу Скопје и Велес секојдневно доцнат на своите работни места. Тие бараат од градежните фирми што ги вршат двата зафати да работат во текот на вечерните часови кога има помала фреквенција на возила, додека во текот на денот да се направи напор на двете делници биде овозможено движење по сообраќајните ленти кои во моментов се санираат.

Дводневен саем за пракса и вработување на Машински факултет

Студентите од техничкиот кампус при Универзитетот „Св Кирил и Методиј“, денеска на Машинскиот факултет го посетија саемот за пракса и вработување, кој ќе трае и утре. Целта е студентите...