„Епик Гејмс“, компанијата што стои зад хитовската видеоигра „Фортнајт“ (Fortnite) се согласи да плати 520 милиони долари како казна. Компанијата беше обвинета од американските власти дека намамувала милиони играчи, вклучително деца и тинејџери, да купуваат работи што не ги посакувале, како и дека го прекршила федералниот закон за приватноста на децата, јави Си-ен-ен.
Од 520 милиони долари, Епик Гејмс ќе плати 275 милиони на владата на САД поради обвинувањата за прекршување на Законот за заштита на онлајн-приватноста на децата (COPPA). Според изнесеното, компанијата собирала лични податоци од деца под 13-годишна возраст без јасно утврдлива дозвола од родителите. Ова е досега најголемата казна издејствувана од Федералната трговска комисија (FTC) за прекршување закони или правила што се под нејзина надлежност.
Во рамките на втората засебна спогодба, Епик Гејмс ќе плати вкупно 245 милиони долари на корисници коишто, според наводите, биле оштетени од дизајнот на корисничката средина, за коишто ФТЦ вели дека биле измамувачки. Оваа спогодба е најголемиот административен налог во историјата на ФТЦ.
Во блог пост, Епик Гејмс порача дека постигнатата спогодба е своевидна еволуција на примената на законите на САД врз индустријата на видеоигрите.
„Ниту еден развивач не создава игра со намера да заврши вака. Ја прифативме спогодбата бидејќи сакаме Епик да биде на првата линија на заштита на потрошувачите и да понуди најдобро искуство за нашите играчи“, порача компанијата.
Според пријавата на ФТЦ, покрај нелегалното собирање податоци од децата, стандардните поставки за спојување играчи и комуницицирање во текот на играњето ги изложувало децата на булинг и малтретирање. Понатаму, се вели дека Епик го направила крајно едноставно купувањето реквизити за играта од страна на децата, и тоа само со едно кликнување или притискање копче, и тоа без дозвола од родител. За тоа досега биле поднесени над еден милион претставки од родители.
ФТЦ додава и дека Епик Гејмс го отежнала откажувањето на така купените реквизити „закопувајќи“ ја опцијата на дното на екранот и барајќи потрошувачите да притиснат и да држат копче на нивните контролери за да го комплетираат откажувањето.
Таквиот дизајн бил воведен откако анкетите покажале дека кога копчето за откажување било појасно истакнато, главната причина потрошувачите да кликаат на него биле „случајните купувања, без јасна намера“, вели ФТЦ.
Со најновата спогодба, компанијата повеќе не смее да користи темни форми или да наплаќа на играчите без нивна согласност.