Национален младински совет на Македонија против „најавената деградација“ на Агенција за млади и спорт

Фото: Националниот младински совет на Македонија (НМСМ)

Националниот младински совет на Македонија (НМСМ) со отворено писмо се обрати до Владата на Република Северна Македонија “изразувајќи длабока загриженост, незадоволство и разочараност во врска со најавената реорганизација на органите на државната управа“, со која се предвидува спуштање на Агенцијата за млади и спорт (АМС) на пониско ниво.

„Со предложената реорганизација, Агенцијата за млади и спорт од досегашниот статус на самостоен орган ќе премине на пониско ниво, како орган во состав на Министерство за односи меѓу заедниците, со помалку ингеренции и самостојност во работењето, како и со многу стеснет делокруг на работа, занемарувајќи ги во целост различните потреби на младите“, наведено е во писмото.

Според НМСМ, ваквата реорганизација на органите на државната управа доведува до исклучително деградирање на институциите надлежни за млади, како и потценување на младинските прашања, односно, како што велат, младите во државава наместо истите да бидат приоритет на владините политики, се занемарени и се ставаат во заден план.

Советот бара наместо ваквата деградација, АМС да се преобрази во министерство.

„Воедно како претставничко тело на младите длабоко веруваме дека се потребни реформи во јавната администрација и од таа причина бараме Агенцијата за млади и спорт да прерасне во Министерство за млади и спорт, по примерот на мнозинството држави во Европа. Република Северна Македонија е една од ретките држави во Европа, која ваквиот важен сектор млади го има ставено на ниво на агенција, наместо на ниво на министерство за млади.

Од ова претставничко тело на младинските организации во Северна Македонија, кое обединува 51 организација, велат дека стојат на располагање за остварување на заедничка средба со Владата, со цел изнаоѓање на решенија кои соодветно ќе ги адресираат проблемите на младите и ќе одговорат на потребите на истите. Дополнително, Националниот младински совет на Македонија ги става на располагање своето искуство и капацитети за постигнување на соодветно законско решение за трансформација на Агенцијата за млади и спорт во ресорно министерство, доколку за тоа постои искрена волја од извршната и законодавната власт.