Досега 5.245 граѓани во земјава биле вакцинирани против ковид-19, а 138.457 лица се заинтересирани да бидат имунизирани во наредниот период. Овие податоци, заедно со подетални информации за самите вакцини што ќе бидат достапни за граѓаните, процесот и фазите на вакцинација можат да се прочитаат на новата он-лајн платформа kovid19vakcinacija.mk, информираат од Министерството за здравство.
Граѓаните на оваа платформа може да прочитаат за тоа кои се пунктовите за вакцинација на кои тие ќе може да ја примат вакцината против ковид-19 во секој град, но и да прочитаат стручни одговори на најчесто поставуваните прашања за процесот на имунизација и за самите вакцини. За секоја од вакцините „АстраЗенека“, „Фајзер“, „Синофарм“ и „Спутник В“ што ќе бидат достапни во земјава, има податоци за ефикасноста, бројот на дози и времето што е потребно за да пројде за да се прими втората доза, за несаканите ефекти што може да се појават кај дел од вакцинираните лица и за безбедноста на вакцините.
Преку оваа страница може да се пристапи кон апликацијата за искажување заинтересираност за вакцинација против ковид-19 vakcinacija.mk.