На онлајн квиз за Денот на Европа, 13 студенти утре ќе ги мерат знаењата

По повод 9 Мај, Денот на Европа, утре во 14 часот на интернет платформата „Зум“ ќе се одржи онлајн-студентски квиз,  со 13 студенти од универзитетите низ државата, информираат од Европското движење во Република Македонија.

Студентите ќе одговараат на 30-те прашања за Европската Унија, за државите-членки на ЕУ и за процесот на пристапување на нашата држава кон ЕУ. Онлајн квизот ќе може да се следи во живо на Фејсбук страницата на Европското движење.

Со студентскиот квиз, всушност, се заокружуваат активностите за одбележување на 9 Мај, Денот на Европа, што оваа година се одвиваше преку Фејсбук со заедничка кампања на европските движења од сите европски држави под мотото „Заедно за Европа“.

За разлика од претходните години, кога акцент се ставаше на масовни активности, годинава кампањата беше насочена кон социјалните мрежи, со цел во услови на пандемија на корона вирусот по електронски пат да се допре до што поголем број граѓани и притоа да се зголеми свеста за европските вредности. За најдобрите учесници на онлајн квизот се обезбедени парични награди.

Од Европското движење информираат дека во рамките на Денот на Европа беше организиран студентски натпревар за најдобра фотографија на тема „Најдобар европски град“, онлајн дебата за размена на искуствата на студентите преку Еразмус плус програмата, избор на најдобар есеј на тема „Заедно за иднината на Европската Унија“, како и видео-конференција на тема „Општествата во време на кризи: причини и последици“ со учество на еминентни експерти за евроинтеграцискиот процес.