Сашо Мијалков како поранешен директор на УБК е првообвинет во случајот „Таргет-Тврдина“ | Фото: Арбнора Мемети

Министерството за внатрешни работи од вчера попладнето го бара поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков за да му го врачи донесеното судско решение за куќен притвор, а сѐ уште не се знае дали по него ќе биде распишана и потерница.

Од МВР за Мета.мк велат: „Откако судот му одреди мерка куќен притвор на Сашо Мијалков, преземаме мерки и активности за негово пронаоѓање. За да распишеме потерница, без разлика дали централна или меѓународна, чекаме прво да каже судот. Таква е процедурата“.

Според „360 степени“, Мијалков последен пат бил забележан вчера околу 14 часот во кафулето „Дистрикт“, во хотелот „Мериот“, а од синоќа имало засилено присуство на полицијата низ Скопје, како и на повеќе адреси каде престојувал и се движел обвинетиот.

Вчера попладнето МВР требаше да му го врачи на Мијалков решението за куќен притвор, како мерка за претпазливост, што на барање на обвинителството викендот ја донел кривичниот суд, но не успеала да го најде.

Поранешниот директор на УБК е еден од 12 обвинети во случајот „Таргет-Тврдина“, за нелегалното прислушување и уништување на опремата. Тој е обвинет за злосторничко здружување, злоупотреба на службената положба и за примање награда за противзаконито влијание. Пресудата треба да се изрече во петок, на 26 февруари, а обвинителката Ленче Ристоска на рочиштето на 16 февруари за Мијалков побара максимална казна, посочувајќи го како еден од создавачите на групата која го вршела нелегалното прислушување.