Можноста од блокада за добивањето датум за преговори на Република Северна Македонија за пристапување во Европската унија, што ја одбележа неделата, е отстранета, но заканите од Софија за целиот процес на интеграција на земјата остануваат. 

Ова е епилогот на една краткотрајна тензична ситуација која се создаде, се чини, со ништо предизвикана, а која е врзана со работата на комисиите на Македонија и Бугарија за ревизија на проблематични прашања од историјата и образованието на двете земје. Бугарија уште пред еден месец се обиде да наметне рокови за решавање на прашањата од крајот на 19-тиот и почетокот на 20-тиот век, при што доминатен камен на разидување се разликите околу националнот потекло на револуционерот Гоце Делчев. 

„Топката“ за дебата во Софија ја нафрли во неделата (29.09.2019 г.), бугарскиот вицепремиер и лидер на ВМРО Красимир Каракачанов. Како што пренесоа медиумите во земјава повикувајќи се на агенцијата БГНЕС, Каракачанов му контрирал на поранешна изјава на претседателот Стево Пендаровски околу роковите што треба да ги имаат научниците во комисиите за историските прашања и тоа го поврзал со состанокот на Европскиот совет планиран за средината на октомври, на кој се очекува евентуален датум за почеток на преговори за пристапување на Македонија во ЕУ.  „Бугарија (на 17 октомври-н.з.) не треба да даде зелено светло за почеток на преговорите за членство на Македонија, се додека не бидат расчистени сите фалсификати на историјата“, побара Каракачанов. 

На ова реагираше бугарскиот државен врв, кој беше свикан од претседателот Румен Радев веќе следниот ден, за да изгради позиција на државата по ова прашање. Веќе рано попладнето во понеделеникот на 30.09.2019 г. беше јасен исходот – блокада нема да има во октомври, но владата ќе изготви „национална позиција со јасни барања и критериуми за заштита на бугарскиот национален интерес“ за време на преговрите за членство на Северна Македонија во Европската унија (Р. Радев – официјална веб страница). 

Изјави со слични тонови дојдоа и од премиерот Бојко Борисов, кој се издвојува по оценката дека ако Бугарија ја блокира Северна Македонија на нејзиниот пат кон ЕУ, а другите 27 земји имаат спротивен став, тоа ќе остане запишано во историјата. Изјавите на Радев, Борисов и шефицата на дипломатијата Екатерина Захариева можете да ги прочитате во сеопфатниот преглед што тој ден го направи Мета.мк, при што од сите позиции јасно може да се види дека во текот на евентуалните преговори на Скопје за пристапување во ЕУ, отворањето или затворањето на поглавјата ќе бидат диктирани и од барањата на Софија.  

Официјално Скопје реагираше внимателно на изјавите од Софија. Премиерот Зоран Заев, како што пренесуваат дел од медиумите во земјата, изјавил дека е можно да се најде решение за отворените прашања, но и дека за тоа е потребна волја од Бугарија. 

„Можно е брзо да се најде решение на отворените прашања со Бугарија. Ние потпишавме договор во кој прифативме дека имаме заедничка историја, а секако дел од историјата ни е посебна на двете земји, и во тој дух јас верувам дека комисиите ќе изнајдат решение. Комисијата е стручна и е направена за да ги дефинира работите. Нашите укажувања се да преземат храбри чекори, чекори засновани на фактите и на вистината, фактите и вистината се јасни и апелираме да се изнајде решение и верувам дека не е доволно само нашата страна да има волја за тоа треба и страната од Бугарија“, изјавил Заев на прес конференција во Владата свикана за друга тема.

Внимателноста ја потврди и претседателот Стево Пендаровски, кој се задржа само на оценката дека нема сигнали од Софија дека ќе има блокада на Европскиот совет во октомври.  

Топката се обиде да ја спушти поранешниот бугарски претседател Росен Плевнелиев, кој во изјава за бугарското Радио Фокус следниот ден (01.10.2019), рече дека официјална Софија треба да престане да настапува со „лажен патриотизам и да ги закашкува работите во последен момент“, и наместо тоа да се фрли на инвестиции во Република Северна Македонија и да ја поддржи владата, споредувајќи ја состојбата со нивото на грчките инвестиции во земјата.  

Силниот пламен кој се закануваше да предизвика поголем „пожар“ во односите меѓу Скопје и Софија привремено е ставен под контрола, но за да се одржува огнот“, повторно се погрижи оној што во неделата прв ја нафрли топката. Каракачанов, лидер на бугарската партија во власта ВМРО, истата онаа која бара забрана на Бугарскиот Хелсиншки комитетдаде, по оценка на дел од политиката и јавноста во Македонија скандалозна изјава. Македонските политичари, кои добро ги познавал и пиел ракија со нив на маса „се многу добри Бугари, но кога ќе дојде време да донесат одлуки, станува тешко, тие почнуваат да се расправаат и објаснуваат дека не може да се говори за заедничка историја“.