К’нев: ВМРО-БНД со сталинистички методи бара забрана на Бугарскиот Хелсиншки комитет

-

Националистичката ВМРО-БНД на Красимир Каракачанов, познатиот негатор на македонскиот национален идентитет, на крајот на минатиот месец почна битка против Бугарскиот Хелсиншки комитет (БХК), барајќи од Главниот обвинител на Бугарија да ја забрани оваа граѓанска организација, велејќи дека „БХК со своите дејствија ставала во ризик бугарски граѓани и го нарушувала доброто име на Бугарија пред меѓународните институции“.

Досега над 70 бугарски и над 40 меѓународни организации станаа во поддршка на БХК и го повикаа обвинителот Сотир Цацаров да го отфрли барањето од ВМРО-БНД од 30 септември годинава да ја прекине регистрацијата на Бугарскиот Хелсиншки комитет.

– Ова се чисто сталинистички методи! Ужасно е да се види дека цели 30 години по демократските промени во Бугарија, се прави обид да се наметнат едни вакви сталинистички методи, државните институции да се мешаат и да се обидат да вршат притисок на граѓанското општество – за „Мета.мк“ изјави д-р Красимир К’нев, претседателот на Бугарскиот Хелсиншки комитет.

Ангел Џамбаски, заменик претседател на ВМРО-БНД и европратеник, како и Александар Сиди, пратеник во бугарскиот парламент и член на Нацоналното раководство на партијата, на крајот на минатиот месец, испратија барање до Главниот обвинител Сотир Цацаров да ја прекине регистрацијата на БХК врз основа на Законот за правни лица со нестопанска цел, а порачаа дека Комитетот го прекршува и Уставот.

„Потсетуваме дека ВМРО години по ред сигнализира на компетентните лица за дејноста на БХК, која привидно е за заштита на човековите права, но реално со своите дејствија не еднаш стави во ризик бугарски граѓани, како и доброто име на Бугарија пред меѓународните институции. Едно од последните такви дејствија е поднесеното барање во судот во Стразбур против нашата земја за заштите на иселените, по тепањето на припадник на бугарската армија од незаконското гето на цигани во Војводиново“, се вели буквално во соопштението од националистичката партија, која е коалиционен партнер во Владата.

Но тоа не е единствената работа поради којашто ВМРО-БНД го мрази БХК. Им пречи што граѓанската организација организирала семинари за судии, обвинители и студенти.

„Најскандалната дејност сепак не е сврзана со заштита на правата на онеправданите, а со организирањето на семинарии за судии, обвинители и студенти, од кои дел решаваат за судбините на докажани престапници како Полфриман“, се вели во повикот до Главниот обвинител. (Џок Полфриман е австралиски државјанин, кој до 2007 година е во притвор или затвор, со пресуда од 20 години за убиство со нож на бугарски граѓанин, а во септември софискиот Апелациски суд го ослободи од издржување на преостанатите шест и ипол години затворска казна).

На ваквите напади од бугарските националисти, до вчера над 70 бугарски и над 40 меѓународни организации станаа во поддршка на БХК и побараа обвинителот Цацаров да не го прифаќа барањето од ВМРО-БНД. Претставниците на граѓанското општество порачаа дека ваквите јавни напади се недозволиви и претставуваат обид гласот на граѓаните да се замолчи за сметка на политичките интереси.

„Ваквите јавни напади се недозволиви, ја рушат довербата на општеството во невладиниот сектор и се користат за политички цели што не се во јавен интерес“, велат организациите, меѓу кои има и еколошки, стопански, образовни и правнички институции.

„Апсурдни и популистички се тврдењата дека со „организирање семинари“ и врачување награди една организација може да „изврши притисок и влијание при решавање во процеси“ и да врши дејности „што се спротивни на уставот, законите и доброто поведение“, како што обвинува ВМРО. Ако вакви опасни сфаќања се земат како основа за притисок или забрана на една организација, тоа ќе доведе до ситуацијa секое здружение на граѓаните да може да биде напаѓано од политичка сила којашто, на пример, не се согласува со темата на обука организирана од здружението“, предупредуваат претставниците на граѓанското општество.

Скопјанец е осомничен за намерно предизвикување пожар во просториите на Адвокатската комора на РСМ

Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против 41-годишен скопјанец за кого постои основано сомнение дека намерно предизвикал пожар во просториите на Адвокатската комора на Република Северна Македонија...

Ученици поправале оцени во е-дневник, МОН бара сите родители и наставници да ги сменат лозинките

Упад во системот на електронскиот дневник, кој се случил викендов, беше причина надлежните во Министерството за образование и наука (МОН) да побараат сите корисници (околу 140.000 наставници, професори и родители) да...

Претставата „Види, летам!“ в четврток во чест на 30-годишнината на Претставништвото на УНХЦР во земјава

На Академската сцена на Факултетот за драмски уметности во Скопје во четврток (5 декември) со почеток во 20 часот ќе биде изведена претставата „Види, летам!“, во чест на 30-годишнината од отворањето...

Весна Дамева поднесе оставка од функцијата претседател на Судскиот совет, обвини за притисоци од власта

Претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева, денеска соопшти дека поднесува неотповиклива оставка од функцијата, како што рече, за да го зачува својот личен интегритет. Таа ги обвини премиерот Христијан Мицкоски и...

Скопјанец е осомничен за намерно предизвикување пожар во просториите на Адвокатската комора на РСМ

Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против 41-годишен скопјанец за кого постои основано сомнение дека намерно предизвикал пожар во просториите на Адвокатската комора на Република...