МОН: Продолжуваат работилниците за стручните соработници во училиштата за менталното здравје

Photo by Unseen Studio on Unsplash

Продолжуваат работилниците за стручни соработници од сите основни и средни училишта во државата, информираше Министерството за образование и наука (МОН) во однос на работилниците што ги организира со поддршка на УНИЦЕФ.

Досега биле организирани шест вакви работилници во Охрид, Битола, Тетово, Куманово и Скопје, преку кои било разговарано со 411 стручни соработници во училиштата.

За денес, пак, предвидени се работилници со стручните соработници од училиштата во Велес и Струмица.

„Целта на работилниците е да се изгради заеднички одговор на последните случувања и да се поттикне отворен разговор и клима на поддршка во училиштата. Во кризни ситуации кои влијаат врз добросостојбата и менталното здравје на учениците од исклучителна важност е училиштето да остане безбедно место во кое тие ќе најдат разбирање, одговори и поддршка за да ги надминат предизвиците, да ги унапредат своите социо- емоционални компетенции, и да ја зајакнат психолошката отпорност“, се вели во соопштението на МОН.

Министерот за образование и наука Јетон Шаќири уште еднаш повика да се овозможи непречена секојдневна работа за стручните соработници и нивно ослободување од административните обврски во училиштата.