Младите се на интернет за видеоповици, праќање пораки и учество на социјалните мрежи [инфографик]

Photo by Christian Wiediger on Unsplash

Како никогаш досега, дури 83,7 отсто од домаќинствата во Македонија во првите три месеци од 2021 година имале пристап до интернет. Притоа, 99,5 отсто од младите на возраст од 15 до 24 години користат интернет, а 98,8 отсто од нив се вклучени на интернет секој ден или речиси секој ден, покажува најновиот извештај на Државниот завод за статистика за Користењето на информатичко-комуникациски технологии во домаќинствата и кај поединците.

Во однос на активностите кои младите лица од земјава ги имале на интернет на почетокот од 2021 година, дури 91,1 отсто од нив го користеле интернетот за телефонирање или видеоповици со употреба на апликациите како Skype или Facetime.

Лицата меѓу 15 и 24 години биле и многу заинтересирани за учество на социјалните мрежи – Фејсбук, Твитер и останатите (88,3 отсто од нив ги користеле), па така тие имаат свои кориснички профили, разменуваат пораки, пишуваат статуси и слично.

Од активностите кои младите во земјава ги прават на интернет, вредно е да се спомене дека 76,4 отсто ја споменале можноста преку интернет да наоѓаат информации за производи и услуги.

Иако мејловите и електронските пораки преку нив се една од најстарите можности што ги нуди интернетот, 70,6 отсто од лицата на возраст од 15 до 24 години праќале или примале електронска пошта, што е убедливо највисок процент во споредба со другите возрасни групи.

Исклучително е важно да се спомене дека 64,1 отсто од младите меѓу 15 и 24 години читаат онлајн вести, весници или списанија на интернет, што е поголем процент од ваквата активност што ја имаат нивните родители. Па така, 63,2 отсто од лицата на возраст меѓу 55 и 74 години се информирале на интернет, како и 76,6 отсто од граѓаните на возраст од 25 до 54 години.

Кога сме кај социјалните мрежи и веб-страниците, податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека сепак младите не ги користат социјалните мрежи за изразување мислење за граѓански или политички прашања. Само 25,9 отсто од младите меѓу 15 и 24 години одговориле дека ја користат оваа можност што ја нуди интернетот.

Од друга страна, изненадувачки е што интернетот меѓу младите во земјава малку се користи и за интернет банкарство, но и за барање работа или исплаќање на апликации за работа. 21,1 отсто од младите ги употребуваат можностите што ги нуди интернет банкарството, додека на работна позиција преку интернет аплицирале само 9,2 отсто од младите лица.

Помалку од 10 отсто од младите во земјава го користеле интернетот на почетокот на годинава за да продаваат производи или услуги онлајн, како и за да учествуваат во онлајн консултации или гласање за дефинирање политички и граѓански проблеми (потпишување петиции, урбано планирање и слично).