Младите од руралниот дел на земјата сметаат дека државата не прави ништо за нив, сакаат да си заминат

Фото: Мета.мк

Младите сметаат дека е потешко човек да најде работа ако некој од семејството нема врски или не потекнува од богато семејство. Исто така сметаат дека не е лесно да започнат свој бизнис, а алармираат и дека училиштата наместо да се опремени како што доликува за 21-ви век личат како да се од минатиот, нагласија денес учесниците на промоцијата на истражувањето „Младински (не)еднакви можности и потреби Истражување за предизвиците и потребите на младите според големината и местото на живеење“.

На презентацијата на ова истражување на Младинскиот образовен форум кое креира детална слика за разликите меѓу младите во зависност од големината на нивното место на живеење, односно за разликите меѓу младите коишто живеат во урбани и оние коишто живеат во рурални средини, панелисти беа Ѓорѓи Тасев, советник за млади и младински политики во Влада на Република Северна Македонија, Моника Зајкова, пратеничка во Собранието на Република Северна Македонија и Евгенија Јанакиеска, службеничка за млади во Министерство за образование и наука.

Фото: Принскрин-Младински (не)еднакви можности и потреби

Наташа Станојкоска Трајкоска, авторката на истражувањето сподели дека според анализата, 56,8% од испитаниците сметаат дека државата не придонесува за младите кои живеат во неразвиени рурални средини, 61,4% од испитаниците сметаат дека државата не придонесува за младите кои живеат во сиромаштија и 56,9% од испитаниците сметаат дека државата не придонесува за младите со попреченост. Анализата покажува дека најзадоволни се младите кои живеат во Свети Николе, а најмалку задоволни се младите од Гази Баба и Битола.

Она што загрижува според резултатите од истражувањето е дека повеќе од една четвртина од испитаниците сметаат дека квалитетот на живот им е влошен.

Голем дел од младите кои учествувале во истражувањето укажуваат на проблемот со фаворизирање на теоретската, наспроти практичната работа. „Теоретската настава е еднолична и монотона, намален е бројот на ученици што доведува до можност да се отворат повеќе стручни професии, соодветен кадар за истите и поврзување на теоријата со праксата“, одговорил еден од учесниците во истражувањето.

Фото: Принскрин-Младински (не)еднакви можности и потреби

Преку своите искази, младите укажуваат на постојните недостатоци кои ги забележуваат во училиштата:

„Пред сè, во училиштата недостигаат најосновни нешта како инвентар, учебници и слично, кога во наредните 5 години би се средил барем тој проблем, би било добар почеток“, вели еден од нив.

„Работа по стручност, задолжителна и остварлива пракса, попрактичен пристап во наставата и одговорна техничка поставеност на образовните институции во однос на пристапноста и опременоста“, додава друг.

Околу 56% од испитаниците одговориле дека немаат можности за бесплатна обука, курсеви и обуки што не се во програмата на формалното образование. Исто така резултатите покажуваат и недостаток од стручно образование.

Кога станува збор за можностите за култура и забава во местото на живеење, евидентно е дека голем дел од младите немаат некои од основните средства за културен живот во местото на живеење. Така, 3,2% немаат ништо од она што било понудено во прашалникот (кино, театар, концертна сала, балет, уметничка галерија), а само 25,5% имаат пристап до балетска претстава. Најдостапна можност за забава на младите се ноќните клубови. Сепак, резултатите покажуваат дека спортските активности се присутни во најголема мера во местата на живеење на младите.

Фото: Принскрин-Младински (не)еднакви можности и потреби

Затоа не е ни изненадувачки нивниот коментар дека младите треба повеќе да се стекнат со уметничката, традиционалната и современата култура и да се зголеми достапноста, а воедно и да се вгради љубов на младите кон театар, кино, музеи, галерии, концерти. „Сакам да има место за млади каде што ќе можат да се собираат и дружат, место каде што ќе има квалитетна музика (рок, џез, хип-хоп, реге), место за едукација, како на пример заштита од насилство, советувалишта за млади мајки, место каде што младите можат да го покажат својот талент и, се разбира, да бидат бесплатни зашто сите млади немаат финансии за курсеви, тренинзи“, е само еден од бројните нивни коментари кои се наведени во истражувањето.

Загрижува и фактот дека тврдењето „Многу млади луѓе ја гледаат својата иднина надвор од државата“ е најпозитивно оценето од сите испитаници.

Младите кои живеат во места со над 100.000 жители, во најголема мера сметаат дека младите во нашата држава се економски зависни од семејството подолг период и дека мотивите на младите за учество во политичките партии не се базира на доволно познавање на идеологијата, туку на можност за добивање лични бенефиции. Младите кои живеат во места со од 1 до 300 жители сметаат дека: младите не се чувствуваат како носители на демократските промени во државата, многу млади луѓе ја гледаат својата иднина надвор од државата, младите немаат можност да ги реализираат своите потенцијали во државата и планираат да заминат од Северна Македонија во следните 1-2 години.

„Ваквите истражувања ни даваат прецизна слика за како да се прават политики за млади таргетирани по различни региони согласно потребите на младите од тие региони“, изјави Ѓорѓи Тасев, Советник за млади и младински политики во Влада на Република Северна Македонија.

Во своето обраќање на дискусијата, Моника Зајкова нагласи дека ова истражување би требало да се презентира и во Собранието, а и пред градоначалниците затоа што во голема мера недостасуваат мерки за поддршка на младите преку кои тие ќе можат да ја препознаат својата улога во средината во којашто живеат, а дополнително ќе можат да ги развиваат своите капацитети и ќе можат да најдат работа за да го остварат својот потенцијал.

„За жал во собранието е многу мал интересот за младинската политика и нема интерес за младински политики дури ни од младите пратеници а собранието е токму оној орган кој треба да се грижи да се донесат законски решенија со кои ќе се подобри квалитетот на живот на младите“, изјави Зајкова.

Како што велат од МОФ, за потребите на анализата се пополнети 820 прашалници од лица на возраст од 15 до 29 години, при што просечната возраст на примерокот изнесувал М = 21,92. Бројот на испитаници варирал во зависност од бројот на жители во даден регион, при што се опфататени млади луѓе од различни позадини во осумте плански региони на Република Северна Македонија. Кога станува збор за родот на испитанците, 588 од лицата биле жени/девојки, 206 мажи, додека 11 претпочитале да не одговорат на ова прашање. Испитанците биле поделeни на 3 групи, и тоа на возраст од 15 до 19 години (N = 239), на возраст од 20 до 24 години (N = 322) и на возраст од 25 до 29 години (N = 221).