МладиХаб: До 8 октомври тече пријавувањето за учество во младинска акцелераторска програма

„МладиХаб – градење на вештини за вработување, компетенции и можности за вмрежување на младите“ го објави повикот до сите заинтересирани лица за учество во младинската акцелераторска програма, која што има за цел да го поттикне младинското претприемништво во државата и со тоа да помогне младите да станат поконкурентни на пазарот на трудот.

Акцелераторската програма е наменета да им помогне на млади претприемачи кои размислуваат да започнат сопствен бизнис (стартап) или за новоосновани младински стартапи кои имаат интерес да ги развијат своите услуги и својот бизнис.

„Сите учесници во оваа програма ќе добијат менторска поддршка за утврдување конкретни начини за решавање проблеми, како и широк спектар на можности за поврзување со други претприемачи, инвеститори, партнери и соработници“, информираат од „МладиХаб“.

Програмата ќе вклучи и обука за претставување на бизнис идејата, а ќе заврши со демо ден, каде стартапите ќе се презентираат пред потенцијални инвеститори. Дел од методите кои ќе се употребуваат за време на реализацијата на акселераторската програма се: Тренинг процес (кој ќе биде 1 или 2 дена, а ќе е наменет за сите селектирани стартап бизниси; Групни сесии; Индивидуални сесии; Поврзување и Претставување идеи (демо ден).

Заинтересираните кандидати за учество во младинската акцелераторска програма потребно е да исполнуваат два услова: да бидат млади лица на возраст помеѓу 18 и 35 години и да имаат идеја за бизнис или веќе да имаат основано свој стартап.

Сите селектирани учесници ќе имаат обврска активно да се вклучат во акцелераторската програма од почеток до крај, со цел нејзина успешна реализација и обезбедување целосна поддршка за развој на бизнис идејата/стартапот.

Заинтересираните кандидати треба да го пополнат формуларот достапен на овој линк  најдоцна до 08.10.2021 година. За дополнителни информации за проектот или повикот, сите заинтересирани млади може да се обратат на [email protected] или на 070 399 058.

Проектот „МладиХаб – градење вештини за вработување, компетенции и можности за вмрежување за младите” го спроведува Националниот младински совет на Македонија во соработка со CEED Hub Скопје. Проектот е финансиран од  Британската амбасада во Скопје и поддржан од Претседателот на Република Северна Македонија.