Објавен трет повик за финансиска помош за ученици, иако има родители кои не добиле пари за првиот

Оние родители кои веќе аплицирале во некој од двата изминати повици, нема потреба повторно да доставуваат документи, освен во случај на промена на условите за користење на правото за финансиска поддршка

фото: Порталб.мк

Министерството за образование и наука (МОН) го објави третиот јавен повик за финансиска поддршка за учениците од основните и средните училишта, чии семејства имаат нето плата до вкупно 50.000 денари. Документи треба да достават родители кои досега не поднеле документи за оваа намена, додека останатите кои веќе аплицирале на останатите два повици, не треба да доставуваат документи (освен потврда за плата, ако во семејството има промена во вкупните месечни приходи над 50.000 денари).

Сите потребни документи кои заинтересираните треба да ги достават, се наведени во јавнот повик.

Мета неодамна пишуваше дека има доцнење на исплатата на парите за декември и за јануари, поради грешки во податоците испратени од училиштата до МОН. Училиштата доставуваат листи со ученици кои ги исполнуваат условите, а во нив се доставени податоци за родителот/старателот кој е подносител на пријавата. Но, грешките во податоците испратени од училиштата, го спречуваат процесот на исплата во Министерството за финансии.

Дел од родителите чекаат пари за декември 2023 и јануари 2024, а наредните денови ќе треба да има исплата и за тековниот месец. Од МОН не добивме прецизен одговор на прашањето кога точно може да очекуваат исплата родителите кои не добиле пари на нивните сметки, но уверуваат дека исплата ќе има наскоро.