fbpx

Министерски совет: Остри осуди за руската војна во Украина и блокадата на ОБСЕ

Сите говорници на отворањето на пленарната сесија на Министерскиот совет на ОБСЕ на почетокот од своите излагања ја осудија руската воена агресија врз Украина

-

Остри осуди за руската воена агресија врз Украина и за блокадата на функционирањето на ОБСЕ од страна на Русија беа испратени од говорниците на почетокот од Министерскиот совет на ОБСЕ. Тие испратија порака дека со руската агресија врз Украина е прекршен Финалниот акт на Конференцијата за безбедност и соработка во Европа од Хелсинки, кој е документ врз чија основа е формирано ОБСЕ во 1975 година.

Македонскиот премиер Димитар Ковачевски во своето обраќање на Министерскиот совет изјави дека во декември 2021 година кога Северна Македонија го доби претседавачкиот статус со ОБСЕ, тешко кој можеше да предвиди дека ќе има вакви турбуленции не само во ОБСЕ, туку и во пошироки рамки.

Ковачевски порача дека воената агресија на Русија врз Украина е неоправдана и претставува флагрантно кршење на сите основни премиси на меѓународното право и на вредностите на хуманоста, а самата војна ги поткопува темелите на ОБСЕ.

„Визијата на ОБСЕ беше сериозно тестирана“, изјави Ковачевски

Македонскиот премиер додаде дека од централен интерес е да се обезбеди суштинска поддршка за Украина преку ОБСЕ, но во изминатиот период на претседавањето на земјава со ОБСЕ должно внимание се давало и на замрзнатите конфликти, како што е случајот со Транснистрија во Молдавија, тензиите во Косово, решавањето на прашањето за Нагорно-Карабах, но и неодамна разгорениот конфликт во Блискиот Исток.

Ковачевски во своето обраќање истакна дека денес се поставуваат прашања за постоењето на ОБСЕ поради блокадите што се наметнати околу буџетот на Организацијата, изборот на иден претседавач со ОБСЕ во 2024 година и истекувањето на мандатот на четворицата извршни лидери на ОБСЕ.

Тој порача дека ниту една земја не може да просперира во изолација, алудирајќи на руската моментална позиција. Порача дека конфликтите може да се решаваат во мирољубива соработка преку мултилатералниот систем.

Премиерот потсети дека ОБСЕ со теренската мисија од 1992 година дала значаен придонес за денешната стабилност на Северна Македонија и даде важна улога за спречување на војните и страдањата во земјата. Денес ние како земја препознаена како фактор на стабилност имаме желба да возвратиме на Организацијата.

„Историјата ќе нè суди по нашите дела“, изјави Ковачевски на отворањето на Министерскиот совет, додавајќи дека сите во ОБСЕ имаат потреба од мир, стабилност и обновена соработка.

Претседавачот со ОБСЕ и министер за надворешни работи на С.Македонија, Бујар Османи на почетокот од обраќањето рече оти се надева дека во Скопје сите заедно ќе обезбедиме конструктивна иднина на ОБСЕ и дека ќе го формализираме претседавањето со ОБСЕ на Малта во 2024 година. Идентично како и на Ковачевски, уште на самиот почеток од својот говор, Османи испрати остра осуда на руската војна против Украина.

Османи потенцираше дека Русија со војната против Украина го нападнала Финалниот акт на Организацијата од Хелсинки и останатите документи врз кои е втемелено функционирањето на ОБСЕ, а го уништи и животот на луѓето во Украина.

„Во ОБСЕ дијалогот и кооперацијата беше заменет со поларизација и поделби“, изјави Османи.

Претседавачот со ОБСЕ потенцираше дека механизмот на консензус за донесување одлуки од сите земји-членки на ОБСЕ се вепонизира и се користи како алатка за постигнување на национални цели на одредени земји, мислејќи на Русија.

Османи порача дека ОБСЕ е најголемата безбедносна организација која е потребна за мирот и стабилноста.

Претседавачот на ОБСЕ во своето воведно обраќање порача дека досега немало консензус меѓу лидерите за претседавач со Организацијата во 2024 година и за буџетот на ОБСЕ. Тој се надева дека Малта ќе биде избрана како земја-претседавач со Организацијата за 2024 година, но и посочи дека Естонија, би била исто толку компетентна држава за претседавач како и Малта.

Тој додаде дека на ОБСЕ им се неопходни и четворицата извршни лидери – генералниот секретар, директорот на ОДИХР, високиот комисионер за национални малцинства и специјален претставник за слобода на изразување, исто како што е неопходен и буџетот на Организацијата.

Бујар Османи во својот говор потсети и на неговата посета на украинскиот град Буча, потсетувајќи дека Организацијата мора да дејствува во согласност со вредностите.

„It’s about people“, порача Османи во неколку наврати за време на неговиот говор, повторувајќи го слоганот на годинешното претседателствување на С.Македонија со ОБСЕ.

За нас како претседавач, ваквиот наратив не беше коинциденција, нагласи Османи, додавајќи дека ОБСЕ е успешна приказна за луѓето на Северна Македонија.

Претседателот на Парламентарното собрание на ОБСЕ, Пиа Каума своето обраќање го започна со истиот говор како Ковачевски и Османи – со осуда на руската воена агресија врз Украина. Каума изјави дека со ваквата агресија се прекршува Финалниот акт на Хелсинки врз кои е втемелено функционирањето на ОБСЕ.

„Мора да признаеме дека регионалниот развој не може да биде обезбеден без мир и стабилност“, порача Пиа Каума, искажувајќи ја парламентарната поддршка за Украина во рамките на ОБСЕ.

Таа порача дека со договорените претседавања со ОБСЕ во 2024 и 2025 година ќе мора да успееме заедно да ја исполниме мисијата на ОБСЕ како Организација.

Генералниот секретар на ОБСЕ, Хелга Мариа Шмид посочи дека е горда на нејзината работа врз основа на принципите на ОБСЕ и на нејзината работа за време на досегашните тројца претседавачи со ОБСЕ.

Покрај тоа што се заблагодари за успешната соработка со изминативе три претседавачи, Шмид ја истакна поддршката и одличната работа што ја извршиле претставникот за слобода на медиумите ОБСЕ Тереза Рибеиро и високиот претставник за национални малцинства, како и директорот на ОДИХР, кои сите заедно промовирале владеење на правото, демократија и слобода на изразување.

Таа потсети на затворањето на мисијата на ОБСЕ во Украина, на евакуацијата на луѓето од мисијата по руската агресија, но и потсети на тројцата колеги од ОБСЕ кои биле задржани во Украина од Русија и покрај нивната работа. Таа потсети дека ОБСЕ мораше да ја затвори мисијата во Украина лани, како и дека продолжиле да ја поддржуваат украинската влада преку посебниот фонд што го поддржуваат 30 земји-членки на Организацијата од нивните буџетски средства.

Генералниот секретар на ОБСЕ порача дека треба да се усвои буџетот на Организацијата, кој ОБСЕ го нема од 2021 година, порачувајќи дека обезбедениот специјален фонд од дел од земјите не е начин како треба да функционира Организацијата.

„Горда сум на работата што ја правиме“, порача генералната секретарка на ОБСЕ, додавајќи дека Организацијата ги има клучните инструменти за да обезбеди мир и безбедност.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Дебар Маало го прослави роденденот на Горан Стефановски

Во чест на роденденот најпознатиот македонски драматург, во Дебар Маало денеска повторно се слушаше гласот на Горан Стефановски преку неговите аудио драми кои ги пушташе платформата „Самоглас“. На настанот организиран...