Последиците од пандемијата со ковид-19 недвосмислено покажаа оти нашата држава треба да научи дека планирањето на инвестициите во образованието значат многу. Голем е предизвикот да се започне учебната година на ваков начин, со ресурсите кои и досега ги имаа училиштата, бидејќи екстра ресурси, нема. Ова во интервју за Мета го вели Мила Царовска, новата министерката за образование и наука која мандатот го започнува во време на пандемија. Таа раководи со обемен и сложен систем, кој го сочинуваат околу половина милион ученици, студенти, наставници, професори, родители.

Покрај другото, Царовска во интервјуто зборува за подготвеноста на системот во вакви вонредни услови, на дваесетина дена пред стартот на новата учебна година, за можноста да се исправат грешките од минатото, за дигиталните вештини кои ги поседуваат наставниците и за воведувањето на медиуската писменост како дел од борбата против дезинформациите.

За прв пат во историјата македонскиот образовен систем се соочува со предизвикот наставата да се одвива комибинирано, односно во најголем дел онлајн. Во тој процес се вклучени илјадници ученици, наставници, професори, родители. Подготвени ли сме за еден ваков предизвик?

Навистина е голем предизвик да се започне учебната година на ваков начин, но тоа не е по наша желба. Пандемијата го опфати целиот свет. Со ресурсите кои ги имаме се обидуваме да се организираме најдобро што можеме за да постигнеме резултати. Пристапот за сите деца нема да биде подеднаков затоа што како држава немаме услови за тоа. Јас сакам да имаме најдобро дигитализирано образование и во минатите 10 години да се инвестирало со голем капацитет во образовниот систем, но, не го наоѓаме во таква поволна ситуација образованието. Ниту претходниот, ниту претходниот министер се виновни за тоа, едноставно веројатно државна стратегија за инвестиции во образованието и немало. Сакам да создадеме услови голем број од децата да почнат да учат онлајн преку национална платформа, која и понатаму ќе остане во системот како ресурс и учениците да можат да ја користат и кога се учи во училница. Ковид малку не` убрзува и ни дава шанса да застанеме до развиените земји.

Деновиве во училиштата интензивно се работи на подготовка на објектите за стартот на новата учебна година. Дали од вас училишните раководства побараа помош? Кои се проблемите со кои тие се соочуваат?

Јас им ја пренесов пораката на директорите на училиштата дека сите треба да бидеме на висина на задачата. Дека ќе имаме екстра ресурси, нема, затоа е потребно училиштата да се подготвуваат со тие што ги имаме. Се трудиме да им помогнеме, но со она кое сега го имаат треба да се снајдат. Побараа зголемување на парите, ИТ опрема, која иако велиме дека имаме 30.000 деца без уред, треба да знаеме дека за 30 дена не можеме да ги набавиме. Нашата држава од ова треба да научи дека планирањето на инвестициите во образованието значат многу. Овој систем, заедно со здравствениот, треба да е во полна подготвеност и тоа е наша заложба и тоа ќе го практикуваме.

Која е вашата проценка за моменталното ниво на дигиталните вештини кои ги поседуваат наставниците и професорите?

Многу е различно нивото. Тие се главна алка во системот. Во минатото не сме инвестирале многу во обуки на наставници. Тие сега може да се поделат во две групи – едните се проактивни и вложуваат во себе и во наставата, а другите не следеле новини во образовниот систем и на нив им е потешко. Но, сите заедно со една мотивација ќе успееме да извадиме максимум од потенцијалот кој го имаме. Повозрасните помалку имале веројатно пристап до дигитални алатки, но секако имаат желба. Ќе има и отпор кон ново. Секој од нас е резистентен на некои новини, но полека но сигурно ќе ја менуваме насоката и ќе се прилагодуваме на новото време.

Постои ли можност оваа ситуација да се искористи како можност за унапредување на некои состојби во образованието кои со години наназад беа занемарувани, искрено речено, систематски беше уништувано образованието?

Ова е одлична шанса да согледаме зошто ни треба цврст образовен систем кој е во добра кондиција. Сигурна сум дека ќе ги исправиме грешките. Затоа што следниот пат кога ќе речеме дека треба да имаме дигитални алатки и во училница и треба да имаме пристап до Интернет во секоја училница независно дали во рурална средина или не, и дека секој наставник треба да знае да ги употребува истите, никој нема да ве праша, но зошто тие тоа го употребуваат, децата се сепак во училница, 50 отсто од населението живее во руралниот дел. Не, тогаш сите ќе бидат свесни дека можеби ваква ситуација ќе дојде и следен пат и ние треба да сме подготвени. Така што ова дефинитивно ќе даде едно друго ниво на интензитет во осовременувањето на образовниот систем.

Дали МОН има шанси да обезбеди компјутерски уреди за децата и семејствата кои не можат да си ги дозволат, за да можат да имаат настава на далечина?

Тоа што го ставивме во планот е дека сепак можат да следат, се обидуваме на телевизија да бидат поставени тие петнаесетминутни часови. Втора работа е дека може да добијат принтани материјали од страна на училиштето и да бидат со физичко присуство доколку се согласи родителот. Нудиме опции. Нема да биде квалитетот ист како кај секое дете, зашто немаме услови, но се трудиме да имаме алтернатива за секое дете и да му обезбедиме пристап до обвразование.

Колку е реално да се очекува децата од прво до трето одделение кои ќе посетуваат настава, да одржуваат физичка дистанца?

Мислам дека може, зашто ние создаваме и едукативен материјал за нив. Зависи како ќе им биде претставено сето тоа од страна наставниците. Јас лично имам помало дете, кога мијат раце, кога носат маска, тоа го гледаат како нешто ново и интересно. Така што навистина зависи од родителот и од наставникот како ќе им ја доближат оваа ситуаицја и на кој начин ќе успеат да го надминат овој проблем и да обезбедат дисциплина во училниците и во ходниците. Но тие се искусни педагози и ќе успеат да се справат со ситуацијата.

За учениците со попреченост имаше најави дека децата од 1 до 3 одделение ќе имаат лични и образовни асистенти, но што е со децата во повисоките одделенија кои ќе посетуваат онлајн настава? Како ќе им се помогне?

Во Законот за основно образование стои дека тие специјални училишта се трансформираат во ресурсни центри и нудат услуги на основните училишта кои што се инкулзивни и кои запишуваат ученци со попреченост. Тоа не е направено како институционален систем, па затоа јас се обидувам преку општинско корисна работа да обезбедиме за сите поднесени барања на родители за образовен асистент кој ќе биде присутен или во домот или во улчилиштето, без оглед дали наставата се следи онлајн или со физичко присуство. Во 2021 година, како МОН застануваме зад тоа дека ќе имаме институционален систем за поддршка на образованието кај лицата со различни типови на попреченост.

Што ќе биде преземено ако се утврди позитивен случај на дете или наставник позитивни на ковид-19?

Алгоритмот е подготвен од Комисијата за заразни болести. Тој кажува дека кога имаме сомнеж или доказ дека е некое лице поизтивно, во тој случај веднаш се информира Центарот за јавно здравје, по што ќе се направи епидемиолошка анктета и на тој начин ќе се одлучи кој е следниот чекор, дали и кој оди во изолација, дали се затвора училиштето. За тоа оставаме да одлучува здравствената комисија.

Се соочуваме со наплив на дезинформации, за кои одредени организации преземаат нешто, но тоа не е доволно. Дали има шанса медиумската писменост да се воведе како наставен предмет или пак, да се распореди тематски во осноното и во средното образование?  

Во ова министерство, во план е да се направи нова концепција за основно образование. Јас сметам дека во тој дел доцна е ако вложуваме во средно или високо, туку треба идните генерации, почнувајќи од прво одделение, да научат што се лажни вести. Тоа влегува и во светот, во еден дел на дигитална писменост. Препознавањето на што е лажно, а што е вистинито. Сметам дека во таа концепција треба да влезе медиумската писменост. Можеби не како посебен предмет, но треба да провејува во сите предмети и да имаме една таква нишка. Тоа е едноставно за воведување како документ, но заеднички после тоа со граѓанските организиции треба да оспособиме наствен кадар кој тоа добро ќе го пренесе на учениците.