fbpx

Мицкоски предизборно ветува авион до Америка и автопат до Битола

-

Автопат Велес – Битола, експресен пат Куманово – Крива Паланка, експресен пат Битола – Меџитлија, експресен пат Струмица – граница со Бугарија се само дел од предизборните ветувања на опозициската партија ВМРО – ДПМНЕ, кои денес беа изложени од нејзиниот претседател Христијан Мицкоски. Како и пред секои избори до сега, ветувањата на политичарите добиваат небесни димензии овој пат и буквално бидејќи Мицкоски вети дека ќе работи и за обезбедување на прекуокеански летови до САД.

За прекуокеански летови од Македонија до САД треба да се обезбедат минимум неколку критериуми, меѓу кои е пронаоѓање на странска авио компанија заинтересирана за одржување на ваквиот лет, како и негово субвенционирање. Од земјите во соседството, Приштина имаше директен лет до Њујорк, но ваквото искуство траеше само  во текот на летото 2009 година. „Ер Србија“ во моментов лета од Белград до Њујорк, но според проценките на аналитичари за српскиот весник „Данас“ оваа линија создава загуби од околу 20 милиони долари годишно.

Лидерот на ВМРО – ДПМНЕ вети дека по новиот автопат од Битола до Скопје во иднина ќе се патувало за час и половина. Трасата преку Велес, Чашка и Прилеп ќе се градела, бидејќи била од стратешко значење за Пелагонискиот крај и за еден милион граѓани, изјави Христијан Мицкоски.

Пред изборите од декември 2016 година, изградбата на нов автопат од Скопје до Битола ја вети и Васко Ковачевски, од тогаш опозициската партија СДСМ. Станува збор за проект, чие ветување за изградба е старо повеќе од две и пол децении, и тоа за прв пат беше споменато во времето на владеењето на владата на Бранко Црвенковски во 90 – тите години од минатиот век.

И додека партиите се натпреваруваат кој повеќе и поголем проект ќе вети за развој на патиштата, експертите и бројките предупредуваат дека скапите инфраструктурни проекти можат да ја доведат Македонија во должничко ропство. За автопатот Скопје – Битола, засега никој не соопштува колку би ја чинело државата неговата изведба.

Странските кредитори единствено ја поддржаа идејата за изградба на експресен пат Градско – Прилеп, за што одвоија околу 60 милиони евра. Главната причина зошто не е поддржана идејата за изградба на автопат од Скопје до Битола од меѓународните финансиери се токму бројките за просечната фреквенција на возила, кои покажуваат дека меѓу овие градови во моментов не треба да се гради автопат.

Според податоците на ЈП за државни патишта, просечниот годишен дневен сообраќај (ПГДС) на патот Прилеп – Битола лани изнесувал 5.057 возила. Делницата од исклучувањето од автопатот кон Грција до Дреново имала ПГДС од 4.211 возила дневно, додека делницата од Дреново до Прилеп имала просечна фреквенција на возила од 5.133 возила дневно. Колку за потсетување, за да се гради еден исплатлив проект во профил на автопат, експертите од областа на транспортот препорачуваат патот да има сообраќај од минимум 12.000 возила дневно.

И владејачката и опозициската партија засега не кажуваат која меѓународна финансиска институција би ја поддржала изградбата на автопатот Скопје – Битола, во услови на волку ниска фреквенција на возила. За потсетување, Македонија до пред неколку години планираше да гради автопат и од Куманово до границата со Бугарија, но мораше да се откаже од ваквата идеја.

Идејата за давање на автопатот кон Бугарија под концесија на приватен инвеститор пропадна пред повеќе од една деценија, токму поради малиот сообраќај што е регистриран на овој пат. Откога се откажа од јавно – приватно партнерство, тогашната влада на ВМРО – ДПМНЕ, под притисок на странските кредитори, беше приморана да се откаже од идејата за автопат, со цел да се одобрат средства за изградба на експресен пат и за реконструкција на постојниот пат од Куманово до Деве Баир.

Доколку новата власт се одлучи повторно да гради автопат со средства што не ги даваат Светската банка, Европската банка за обнова и развој, Европската инвестициска банка или Европската Унија, тогаш треба да погледне назад кон нашите досегашни искуства од искористувањето на кинеските кредити. Во автопатот Миладиновци – Штип беа вложени 177 милиони евра, додека за изградба на трасата од Кичево до Охрид веќе се трошат фантастични 600 милиони евра.

Првичните бројки за просечната фреквенција на возила на автопатот што беше пуштен лани, покажуваат дека меѓу Миладиновци и Кадрифаково во просек минуваат 6.421 возило дневно. Дури и со воведување наплатни станици на автопатот меѓу Миладиновци и Штип, вистинското прашање е колкав период ќе биде потребен за граѓаните да го вратат кинескиот кредит преку плаќање патарина.

За прекуокеански летови од Македонија до САД треба да се обезбедат минимум неколку критериуми, меѓу кои е пронаоѓање на странска авио компанија заинтересирана за одржување на ваквиот лет, како и негово субвенционирање. Од земјите во соседството, Приштина имаше директен лет до Њујорк, но ваквото искуство траеше само во текот на летото 2009 година. „Ер Србија“ во моментов лета од Белград до Њујорк, но според проценките на аналитичари за српскиот весник „Данас“ оваа линија создава загуби од околу 20 милиони долари годишно.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Петровска: Членството во НАТО отвора можност за развој на науката и технологијата

„Членството во НАТО на сите членови на академската заедница- професори, истражувачи и студенти им отвора нова димензија на поддршка, на можност за соработка со колегите од сојузничките и партнерски...