Депонијата од искористен јаглен во РЕК Битола | Фото: ЕСМ

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска на брифинг со новинари презентираше документи, со кои тој тврди дека Вице Заев изнудувал 250.000 евра провизија од битолската фирма „Рубитон“. Мицкоски тврди дека фирмата била рекетирана откако добила тендер за ископ на јаглен во РЕК Битола.

Од опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека фирмата регуларно го добила тендерот, по што директорот на РЕК Битола Васко Ковачевски го контактирал сопственикот на фирмата и го принудувал да се откаже од тендерот и истиот да го предаде на компанијата СВ Инвест.

Како што брифирал Христијан Мицкоски, откако сопственикот на битолската фирма не се согласил, Ковачевски организирал средба со Вице Заев во Струмица, во хотел Парк, но средбата се откажала, а Вице Заев ги контактирал сопствениците на компанијата и им рекол дека ќе го испрати Горан Кстев од Тотал Инжинеринг, за да ја договорат работата. Побарувањата биле „Рубитон“ да ја сработи работата, а 250.000 евра да му припаднат на Вице Заев како кеш.

Воедно, Мицкоски на брифингот посочил дека сопствениците на битолската фирма го пријавиле случајот во полиција, по што се изготвила пријава до Основното јавно обвинителство која била потпишана од Лазе Велковски, а на неа, на веќе потпишаната изјава, мистериозно исчезнал делот каде што се споменува Вице Заев. Мицкоски тврди дека записниците се фалсификувани.

На ваквите обвинувања на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Вице Заев во изјава за „Фокус“ вели дека тие немаат врска со реалноста, туку се лага.

„Мицкоски очигледно мисли дека со тоа што ќе прави конструкции за мое оцрнување ќе му кажат дека е врвен политичар. Ако има комплекси некој човек, ако е опседнат со мене, не може тоа да биде мој проблем. Нема ништо вистина во ова што го зборува Мицкоски, затоа се крие зад брифинзи, се плаши од тужба“, вели Вице Заев.

И од РЕК „Битола“ денеска испратија реакција на обвинувањата на Христијан Мицкоски, демантирајќи го наводниот скандал со дополнување дека истите обвинувања од нивна страна се демантирани во 2018 и 2019 година.

Од РЕК „Битола“ тврдат дека договорот со фирмата „Рубитон“ е раскинат на 7.11.2018 година од причини што компанијата не го вршела ископот со динамика и количини предвидени во договор, за што постојат записници и други релевантни документи. За да се обезбеди јаглен, пристапено било кон раскинување на договорот и биле повикани четири други оператори да достават итни понуди за продолжување на ископот, на кој најниска цена понудила фирмата „СВ Инвест“.

„Заради раскинувањето на договорот за работа во РЕК Битола, фирмата „Рубитон“ има поведено судски спор пред надлежен суд чиј епилог го очекуваме. Во оваа прилика, сакаме да изразиме сомнеж дека зад континуираните напади на опозициската партија кон РЕК Битола, конкретно за случајот „Рубитон“, се кријат лукративни причини и на економскиот оператор и на политичката партија. Имено, сопствениците на фирмата „Рубитон“ се во блиски роднински врски со поранешен директор на РЕК „Битола“ од времето на владеење на ВМРО – ДПМНЕ. Само во периодот 2015 година – 2018 година оваа фирма од РЕК Битола наплатила над 370.000.000 денари за ископ на јаловина“, велат од РЕК „Битола“.

Од владејачката партија СДСМ тврдат дека Христијан Мицкоски се сведол на „рекла-казала“ муабети.

„Истуркан на маргините од страна на граѓаните, Мицкоски кукавички се крие од јавноста, наместо јавно на прес конференција, свикува тајни, мрачни брифинзи. Нема лице ни пред камери да излезе, веќе за народот да не му ја види пропаднатата лага“, се наведува во соопштението на СДСМ.
Социјалдемократите велат дека не му е прв пат на опседнатиот Мицкоски да изнесува лаги, невистини, конструкции за семејството на претседателот Заев, а од студија објавена од Европскиот парламент Христијан Мицкоски бил наведен како извор на дезинформации.