fbpx

Мета факт: Сите рокови за усвојување на Законот за климатска акција се пробиени

Министерството за животна средина и просторно планирање дури на почетокот од август годинава ја објави финалната нацрт-верзија на Предлог-законот за климатска акција, а тој допрва треба да ја мине собраниската процедура

-

Сите рокови предвидени за донесувањето на Законот за климатска акција во Собранието на РСМ се пробиени. Иако владата во својата програма има ветено дека ова законско решение ќе биде усвоено во 2022 година, законодавниот дом до денешен ден ова го нема направено. Министерството за животна средина и просторно планирање дури на почетокот од август годинава ја објави финалната нацрт-верзија на Предлог-законот за климатска акција, а тој допрва треба да ја мине собраниската процедура. Ова владино ветување за донесување на Законот за климатска акција до 2022 година е неисполнето.

Во Програмата за работа на Владата на РСМ за периодот 2022-2024 година, на страница 24, наведено е владиното ветување дека тие ќе го донесат Законот за климатска акција во 2022 година, со кој правно ќе се обврзат институциите за спроведување активности за декарбонизација и ќе се обезбеди мерливост на степенот на декарбонизација, првенствено во секторите енергетика и транспорт, но и во другите сектори со потенцијал за намалување на емисиите на стакленичките гасови, согласно усвоените документи на национално ниво и Европскиот пакет за чиста енергија, на Софиската декларација, на Патоказот за декарбонизација на Западниот Балкан, на ЕУ и на енергетската заедница.

И покрај ваквото владино ветување, и во 2023 година не е донесен Законот за климатска акција од страна на парламентот. Министерството за животна средина и просторно планирање на почетокот од август 2023 година ја објави финалната нацрт-верзија на Предлог-законот за климатска акција. Мета.мк ја пребара веб-страницата на Собранието на РСМ за тоа дали предложениот закон е испратен од извршната власт на разгледување пред пратениците, но заклучно со 16 октомври 2023 година овој закон не е влезен во собраниска процедура, на комисиска расправа или на некоја од пленарните седници на Собранието на РСМ.

Од Министерството за животна средина и просторно планирање за Мета.мк потврдија дека Законот за климатска акција не е испратен до парламентот.

„Законот за климатска акција е објавен на порталот е-влада и е започната постапка на меѓуресорска координација и добивање мислења од другите ресори“, информираа од Министерството за животна средина и просторно планирање на 17 октомври 2023 година.

Подетални одговори не добивме од ова министерство во однос на тоа до кога тие очекуваат пратениците да го усвојат Законот на собраниската седница.

Инаку, од Министерството за животна средина минатото лето објаснија дека ќе се одложи донесувањето на Законот за климатска акција во земјава кое тогаш беше со ветен рок – 2022 година, поради тоа што Законот за климатска акција бил во фаза на ревизија и коментари од Секретаријатот на Енергетската заедница, заради негово доусогласување со Патоказот за декарбонизација на Енергетската заедница според кој е потребно да се транспонираат одредени барања од т.н. регулатива за управување со Енергетска унија и климатска акција.

Самото законско решение пак е исклучително значајно за справувањето со климатските промени, но истото воведува и нови давачки за загадувачите. Па така, идниот Закон за климатска акција предвидува нови обврски за државните органи и за локалните самоуправи, воведување на нови тела со нови функции, како и нова давачка за загадувачите – јаглеродна такса. Државните институции ќе мора да формираат институционална структура за мониторинг, известување и верификација на емисиите на стакленички гасови, како и Национално координативно тело за сите мерки и политики за климатска акција на земјата.

Врз основа на сите овие материјали, можеме да заклучиме дека владиното ветување од Програмата за работа за периодот 2022-2024 година дека Законот за климатска акција ќе биде донесен до 2022 година е неисполнето. Ова законско решение уште не е усвоено од Собранието на РСМ до денешен ден, а членовите на овој закон треба допрва да стапат на сила, и тоа откога истото ќе го изгласаат пратениците.

 

ИЗВОРИ:

Програма за работа на Владата на Република Северна Македонија за периодот 2022-2024 година, проверено 16.10.2023 година;

Мета.мк (3.8.2023 година): Објавена финалната нацрт-верзија на Предлог-законот за климатска акција, проверено на 16.10.2023 година;

Мета.мк (27.3.2023 година): Законот за климатска акција со нови обврски за институциите, но и давачки за индустријата, проверено на 16.10.2023 година;

Мета.мк (12.7.2022 година): Законот за климатска акција годинава нема да се донесе, морало да се доусогласи со Енергетската заедница, проверено на 16.10.2023 година.

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Дебар Маало го прослави роденденот на Горан Стефановски

Во чест на роденденот најпознатиот македонски драматург, во Дебар Маало денеска повторно се слушаше гласот на Горан Стефановски преку неговите аудио драми кои ги пушташе платформата „Самоглас“. На настанот организиран...