Државното претпријатие Македонски енергетски ресурси се огласи со реакција на денешниот инцидент на Водно, порачувајќи дека работникот што почнал расправија со активистите не постапил согласно политиката на фирмата и може да биде ставен на дисциплинска постапка.
„Денеска продолжија градежните активности за гасификација на Република Македонија, на трасата преку Водно. Активностите се на потег на кој не е предвидена измена на траса, потегот за кој е добиено одобрението за градба и на кој нема дрвна маса. Се работи во согласост со новите мерки и мерките дефинирани во студијата за животна средина. Откако беа почнати активностите, се појавиле неколку граѓани кои на мирен начин застанале во близина на механизацијата. Градежните машини веднаш ги запреле активностите, после што еден од работниците започнал вербална расправа со активистите. Напоменуваме дека вербалниот инцидент кој го предизвикал работникот не е политика на однесување на МЕР и се коси со протоколите за работа. Варбалниот инцидент силно го осудуваме, а однесувањето на работникот ќе биде предмет на проверка и потенцијална дисциплинска постапка“, се вели во соопштението.