Молдавската музичка група „Санстроук проџект“ (во превод „Проектот Сончаница“) ја адаптира поранешната евровизиска нумера „Хеј мама“ за потреби на едукативен спот со кој се обраќаат на пензионерите во ерата на епидемијата на Ковид-19.
Песната е на руски и романски јазик, објавена со превод на англиски. Видео клипот на комичен начин ги повторува главните препораки од Светската здравствена организација и државните власти за однесување во услови на пандемијата, при што праќа и позитивна емоционална енергија кон постарите и промовира меѓугенерациска солидарност.
Една од пораките за одговорност што се испраќаат преку видеото е дека покрај играње компјутерски игри, добро е да се читаат книги и да се јавува телефонски на роднините и другите блиски луѓе.
„Санстороук проџект“ за прв пат настапи на Евровизиja во 2010 година кога со Оља Тира ја пееја песната „Ран авеј“. Тогаш го освоија 22-то место (од 39 учесници), самата песна продолжи да се врти и понатаму и само официјалното видео на кое танцуваат во костими во стил на сајбер-панк има 10 милиони гледања.
Нивниот настап во Осло започна и еден интернет-феномен. Со изведбата на солото на саксофон Сергеј Степанов стана „Епски саксофонист“ (Epic Sax Guy) еден од најпрепознатливите „мимови“ или „мемиња“ на интернет со десетици верзии и имитатори.
Не постои официјално усвоен македонски термин за англискиот збор „meme“ или во множина „memes“, кој во случајов се однесува на кратки видеа и карикатури со порака. Во овој случај, покрај вообичаените кратки форми, се правеа и верзии кои „вртат“ (loop) и по десет часа. Некои од нив имаат десетици милиони гледања, затоа што влијателни јутјубери организираа „предизвици“ за нивно гледање во целост.
Понесени од популарноста стекната на вебот, „Санстроук проџект“ беа избрани да ја претставуваат Молдавија и на Евровизија во 2017 година, кога настапија со „Хеј мама“ на англиски јазик. При тоа повторно го вклучија солото на саксофон и нов вид забавен танц.
Таа година „Санстроук проџект“ го освоија третото место. Тоа е најдобриот резултат што претставник од Молдавија го има постигнато на натпреварот за песна на Евровизија во досегашната историја.
Молдавија воведе слични мерки како и другите европски земји против ширењето на новиот корона вирус, наложувајќи на граѓаните да се затворат по домовите за најмалку две недели. Верзијата наменета за охрабрување на повозраасните да се придржуваат се промовира под хаштагот #мамадомасиди на руски јазик, кој oсвен романскиот е официјален на регионално ниво во Молдавија, покрај украинскиот и гаугаскиот.