„Макс ван дер Штул“ е еколошки одговорна библиотека, Абдулахи: Дури и едно собрано капаче е вредно

Покрај книгите и услугите што ги нуди за студентите, оваа библиотека веќе неколку години служи и како еколошки пункт за собирање на капачињата од пластичните шишиња, кои потоа се рециклираат

Фото: Фисник Џелили, Порталб.мк

Покрај тоа што им овозможува на студентите да учат, библиотеката „Макс ван дер Штул“ во Тетово служи и како еколошки пункт каде што тие можат да бидат и одговорни граѓани. Во оваа библиотека се собираат капачиња од пластични шишиња кои потоа се рециклираат, а пак собраните средства се наменети за хуманитарни цели. Во врска со оваа активност, Порталб.мк разговараше со директорката на оваа библиотека – Елмедина Абдулахи.

Покрај книгите и услугите што ги нуди за студентите, оваа библиотека веќе неколку години служи и како еколошки пункт за собирање на капачињата од пластичните шишиња, кои потоа се рециклираат. Таму капачиња за рециклирање можат да остават и да бидат екологисти не само студентите, туку и сите граѓани.

Фото: Фисник Џелили, Порталб.мк

Директорката Абдулахи објаснува дека оваа активност во нивната библиотека започнала уште во 2019 година, и сега во неа се вклучени некои чинители.

„Прво почнавме да ги собираме капачињата само од читателите во библиотеката, а потоа преку подигање на свеста кај студентите почнавме да имаме поддршка и од студентите кои не се редовни во библиотеката, но и тие почнаа да ги носат тука капачињата. Соработувавме со неколку основни училишта, најредовни се учениците од училиштето „Лирија“, со средното училиште „Маариф“, со бифето на УЈИЕ, тие редовно ги носат сите капачиња што се собираат во библиотеката“, нагласи Абдулахи.

Библиотеката „Макс ван дер Штул“ е собирен пункт за Тетово, овде се собираат сите капачиња, потоа истите преку Пакомак и преку Министерството за животна средина се доставуваат до здруженијата кои се ангажирани за да го реализираат проектот до крај.

Освен што е еколошки, овој проект е и хуманитарен, бидејќи средствата што се собираат од рециклирањето на капачињата се наменети за хуманитарни цели.

„Цел на проектот, покрај подигањето на свеста за потребата од заштита на животната средина, е и приходот собран од капачињата. На почетокот проектот беше „едно капаче, една надеж“ а со приходите беа купени колички за децата со посебни потреби. По завршување на тој проект, сега продолжува следниот проект „секое капаче вреди“, и со приходите од овие капачиња се реновираат педијатриските одделенија во болниците во Северна Македонија. Ова е еден многу благороден проект во кој активно учествуваме од 2019 година“, вели Абдулахи.

Фото: Фисник Џелили, Порталб.мк

Деновиве библиотеката е преполна со студенти кои се подготвуваат за завршните испити во јуни, а во овој период се забележува зголемување на количините на собраните капачиња.

Интересот за собирање на капачињата секоја година е сè поголем. Абдулахи раскажува дека порано собирањето се вршело еднаш годишно, а сега се случува да во рок од една година дури два до три пати да дојдат од Пакомак за да ги подигнат капачињата.

Пораката на оваа иницијатива е многу важна, вели Абдулахи, и појаснува дека и на децата кои ги посетуваат, но и на студентите им ја пренесуваат важноста на заштитата на животната средина и штетите кои може да ги нанесе пластиката врз животната средина.

„Дефинитивно има позитивно влијание, порано немаше толкав интерес, само одвреме навреме некој се интересираше што се случува со овие капачиња, но како што минува времето не само што ги информираме, туку и самите доаѓаат и прашуваат. Освен што ги оставаат капачињата, сега студентите прашуваат и каде можат да ги однесат пластичните шишиња, што ни отвара можност да се ангажираме, да видиме некој нов проект и во таа насока, да се најде простор за да можеме да ги рециклираме и пластичните шишиња“, рече Абдулахи.

Таа додава дека глобалното затоплување е најсериозниот проблем со кој се соочува светот денес, негативното влијание на индустријата врз животната средина е многу големо, а Абдулахи вели дека ние како поединци колку што можеме треба да го дадеме нашиот придонес во оваа насока.

„Не треба секогаш да чекаме од другите и да се жалиме, туку треба да дејствуваме, макар и едно собрано капаче е вредно, прво за поединецот, потоа за општеството и пошироко“, вели Абдулахи.

„Важно е ние како поединци да направиме колку што можеме со тие можности што ги имаме. Многу е важно ние да го направиме нашиот дел и така да им пренесеме порака на младите, нашите деца дека всушност не треба секогаш да чекаме од другите и да се жалиме, туку треба да дејствуваме, макар и едно собрано капаче е вредно, прво за поединецот, потоа за општеството и пошироко“, порача Абдулахи.

Покрај оваа еколошка активност, оваа библиотека организира и други еколошки активности, како што се „recycle, reuse, renew“ за време на новогодишните празници.