fbpx

По 17 години и многу компромиси Северна Македонија ги почнува преговорите за членство во ЕУ

-

Денешниот ден е историски – конечно после 17 години и многу тешки компромиси, се отвора процесот за прием на Северна Македонија во големото европско семејство кон ЕУ. Првиот чекор кон европската иднина е направен, а три-деценискиот сон е на дофат, истакна македонскиот премиер Димитар Ковачевски по завршувањето на првата меѓувладина конференција со Европската унија што претпладнево се одржа во Советот на ЕУ во Брисел. Со завршувањето на оваа долгоочекувана средба, земјава практично го започнува процесот на преговори за влез кон ЕУ, додека Унијата почнува со скрининг на македонските институции.

Еден од првите чекори кон остварување на триесетгодишниот сон за кој денеска зборуваше македонскиот премиер, земјава го направи пред 18 години – кога во 2004 година аплицираше за членство во Европската Унија. Со кандидатски статус Северна Македонија се стекна наредната 2005 година. Првата препорака за почеток на преговорите, пак, Европската комисија ја даде четири години подоцна, а Советот на ЕУ ја потврди со едногласна одлука во март 2020 година. На патот кон ЕУ, државата го промени уставното име и, последно, потпиша договор и протокол со соседна Бугарија, кој за многумина е загрижувачки.

Но, претходно, во 2001 година, Република Македонија беше воопшто првата земја што потпиша Спогодба за стабилизација и асоцијација со Европските заедници и нивните земји-членки.

Токму поради долгото и макотрпно чекање пред европските врати и отстапките кои земјава ги направи во меѓувреме, не беше чудно што во неколкуте свои говори денес – на прес-конференциите и на меѓувладината конференција, пред европските претставници, но и пред македонските граѓани, Ковачевски не пропушташе во повеќе наврати да потенцира оти македонскиот јазик и идентитет, после сè остануваат заштитени.

Со денешната меѓувладина средба помеѓу македонската и европската делегација, практично се операционализираше одлуката на Советот на ЕУ и се отвори процесот за прием на државата во европското семејство.

На меѓувладината конференција ѝ претходеше средба на македонскиот и албанскиот премиер, Димитар Ковачевски и Еди Рама, со претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен. Претседателката на ЕК на прес-конференцијата истакна дека денешното отворање на пристапните преговори за Северна Македонија и Албанија е успех на двете земји и на нивните граѓани.

„Ги направивте сите овие промени не само затоа што беа потребни на вашиот пат кон ЕУ, туку пред сè затоа што се добри за вашите земји. И тие веќе испорачуваат подобар и поквалитетен живот за вашите луѓе. ЕК ве поддржуваше на целот пат и ќе продолжиме така“, рече Фон дер Лајен.

Совет на Европската Унија / фото: Мета.мк

Пристапните преговори ќе бидат строги и ќе бараат посветеност

Меѓувладината конференција во Советот на ЕУ ја отвори Јан Липавски, министерот за надворешни работи на Чешка, која во моментов претседава со Советот. Тој потсети дека пристапните преговори, врз основа на методологијата за проширување што беше прифатена во март 2020 година, се важен чекор за односите на Северна Македонија со ЕУ и дека ја покажуваат поддршката на Унијата за европските перспективи на Западен Балкан.

„Вашата земја е дел од европската историја, наследство и култура и го поздравуваме интензивирањето на веќе добро воспоставените врски. Ја поздравуваме одлучноста на Северна Македонија да ја унапреди својата ЕУ агенда и посветеноста да ги спроведе реформите во земјата“, истакна Липавски.

Јан Липавски, министер за надворешни работи на Република Чешка / фото: Мета.мк

Тој рече дека придобивките се очигледни за двете страни. Липавски додаде оти следната меѓувладина конференција ќе се одржи без дополнителни политички одлуки, кога земјава ќе ги исполни своите обврски за уставните промени, како што е наведено во заклучоците од Советот усогласени со интерните постапки и ја покани Комисијата да ја оцени подготвеноста на Северна Македонија за отворање на пристапни преговори.

Чешкиот шеф на дипломатијата потенцираше дека преговорите што се отворија денес, ќе бидат строги и ќе бараат многу посветеност.

„Во периодот до пристапувањето, Северна Македонија ќе треба прогресивно да ги усогласи своите политики кон трети земји и своите позиции во меѓународните организации со политиките кои се усвоени и приспособени од страна на Унијата и нејзините членки. Паралелно со пристапните преговори, Унијата и Северна Македонија ќе продолжат со дијалогот за граѓанско општество и културна соработка, со цел да се зближат луѓето и да се обезбеди поддршката од граѓаните за пристапниот процес“, рече Липавски.

На патот кон ЕУ нема да го изгубите својот идентитет, порачаа европските политичари

Високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Жозеф Борел, пак, зборувајќи за „големиот пробив клучен за Северна Македонија“, рече дека ЕУ е креирана за да ги надмине поделбите и да ги залечи раните и дека може да се напредува само заедно со целосно интегрирање на Западниот Балкан.

„Денес Северна Македонија оди кон следната фаза на својот пат кон ЕУ. Живееме во клучни времиња, овој момент треба да биде искористен од Северна Македонија за да ги спроведе клучните реформи и ние ќе ве поддржиме на тој пат“, истакна Борел.

Тој порача дека никој не го губи идентитетот на пат кон Европската Унија, па ова нема да биде случај ниту со Северна Македонија. Преку пристапните преговори општеството ќе биде трансфомирано онака како што биле и сите други општества додека да станат членки.

„На патот кон ЕУ нема да го изгубите својот идентитет, некој од нас не го губи. Ние имаме неколкуслојни идентитети. Северна Македоноија со својот идентитет, со својата богата историја и култура, секогаш била дел од Европа. Вам не ви требаат заклучоци од Советот за да го знаете тоа“, порача високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на ЕУ.

Денешната конференција е заслужено признание за напредокот кој Северна Македонија го постигна изминатите години во унапредувањето на реформите и земјата продолжува да ги исполнува сите услови, порача Еврокомесарот за добрососедство и проширување, Оливер Вархеји.

„Продолживте со добрата работа на внатрешните реформи, зацврстувањето на демократските институции, имате разновидно граѓанско општество. Владеењето на правото, борбата со корупцијата се навистина за секоја пофалба и вие сте успешен модел за мултиетничко општество и затоа заслужувате да продолжите понатаму со пристапниот процес“, порача Еврокомесарот Вархеји.

Тој додаде дека Европската комисија е подготвена да го започне скрининг процесот уште попладнево.

„Ова ќе биде резултат на онаа работа што веќе ја сработивме со вашата администрација, ќе ни дозволи да ги идентификуваме сите важни прашања коишто ќе треба да се решаваат во текот на преговорите, како и областите каде што напорите треба да бидат интензивирани“, додаде Вархеји.

Оливер Вархеји, Еврокомесар за добрососедство и прошоирување,фото: Мета.мк

Ковачевски: Државата е спремна да ги преземе сите обврски од преговарачката рамка, но истото го очекува и од соседите

Обраќајќи се на меѓувладината конференција на македонски јазик, премиерот Ковачевски рече дека овој историски ден бил долгоочекуван, но и заслужен. Тој им честиташе на граѓаните, за, како што рече, нивната истрајност и јасната визија за тоа каква држава сакаме да имаме и да им оставиме на идните генерации.

„После 17 години го правиме клучниот чекор на патот кон остварување на нашиот децениски генерациски сон за кој огромно мнозинство граѓани, десетици наши државни лидери, политички претставници, граѓанскиот сектор, академски и научни работници, стопанственици, новинари и медиумски работници и илјадници државни службеници долги години посветено работеа. Сите тие имаат свој удел во тоа што досега сме го постигнале“, порача македонскиот премиер.

Тој додаде дека за да ја реализира оваа стратешка цел, државата направила многу, донела тешки одлуки кои бараат лидерство и храброст, мудрост и одговорност, но биле патриотски одлуки во интерес на иднината на следните генерации и на државата.

Ковачевски беше дециден дека со ова е донесена конечната одлука со која се обезбедува зачувување и зацврстување на македонскиот идентитет, јазикот и културата.

„Европската унија нѐ прифаќа како Македонци, кои говорат македонски јазик, со безусловно почитување на достоинството и посебноста на македонскиот народ и неговите идентитетски, историски и културни особености. Ова е обезбедено засекогаш. За овие нешта ниту се преговара, ниту ќе се преговара“, истакна Ковачевски.

Претседателот на македонската Влада рече дека е горд што македонскиот јазик ќе биде јазик на кој ќе се води процесот на преговарање за пристапување кон ЕУ.

„Со нетрпение го чекаме денот кога со полноправно членство на Северна Македонија во ЕУ, македонскиот јазик ќе е еден од службените јазици на ЕУ, еднаков со сите останати 24 официјални јазици на Унијата“, рече Ковачевски во своето воведно обраќање на меѓувладината конференција.

Премиерот Димитар Ковачевски и вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, фото: Мета.мк

Тој додаде дека континуираната помош која ЕУ ќе ја обезбеди во наредниот период, ќе овозможи македонските граѓани и економија да добијат конкретна и реална поддршка. Земјата, пак, е подготвена во целост да го преземе законодавството на ЕУ во својот внатрешен правен поредок и да изгради ефикасни административни и правосудни капацитети за негова примена.

„Со верба во себе, во нашите предци, традиција и посебност, а со јасен поглед кон иднината, ја движиме државата напред, за денешните и идните генерации градиме демократски европско општество во кое ќе има место за сите, каде владеење на правото го има приматот, а граѓаните ќе се економски напредни“, додаде Ковачевски.

Ковачевски порача дека политиката за проширување на ЕУ во моментов најдиректно придонесува за мирот и стабилноста на Западен Балкан. Северна Македонија, пак, цивилизациски, географски и историски припаѓа во европското семејство.

На крајот на делот од меѓувладината конференција кој беше отворен за јавноста, Ковачевски истакна дека државата е спремна да ги преземе сите обврски од преговарачката рамка, но и дека идентичен и конзистентен однос и подготвеност очекува и од соседните земји и партнерите.

„Делиме исти вредности, а отсега ќе делиме и европска иднина. Европска иднина со безусловно почитување на достоинството и посебноста на македонскиот народ и неговите јазични, идентитетски, историски и културни особености. Драго ми е што за овие прашања, како и за билатерални прашања кои не се директно поврзани со правото на ЕУ и со Копенхашките критериуми за членство, нема да се разговара во текот на преговорите, како што недвосмислено го потврди тоа и претседателката на Европската комисија во Собранието на Република Северна Македонија“, рече Ковачевски.

Тој додаде дека за времетраењето на преговорите, Владата, како и досега, ќе се придружува кон начелата на транспарентост и инклузивност на сите општествени чинители. Преку продлабочен и унапреден дијалог, соработка и партнерство со граѓанскиот сектор, Собранието, Претседателот на државата, опозицијата и другите чинители, се овозможува нивно проактивно вклучување во креирањето политики и носењето одлуки поврзани со пристапниот процес.

Премиерот истакна дека државата, преку интензивна и посветена работа, има за цел да биде потполно подготвена да ги преземе обврските за членството во ЕУ до крајот на 2030 година, за да може да стане земја членка до почетокот на следниот буџетски период на ЕУ.

По завршувањето на седницата со македонската Влада, Европската унија одржа меѓувладина конференција и со Албанија, која патот до членството во ЕУ го оди заедно со Северна Македонија.

Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, рече дека денеска конечно биле направени важни чекори напред за двете држави. Тој порача дека сега се отклучува следната фаза за скрининг на институциите.

„Претстои напорна работа за нашите преговарачи во Скопје, Тирана, Брисел, во оваа клучна фаза. Во наредните месеци ова ќе изгради солидна основа за отворање на кластерите на преговарачките поглавја“, порача Мишел во своето обраќање по завршувањето на двете меѓувладини конференции.

Првата средба за скрининг-процесот со двете земји ќе се одржи попладнево со почеток во 16:30 часот.

Специјален известувач од Брисел: Гоше Николов

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Дебар Маало го прослави роденденот на Горан Стефановски

Во чест на роденденот најпознатиот македонски драматург, во Дебар Маало денеска повторно се слушаше гласот на Горан Стефановски преку неговите аудио драми кои ги пушташе платформата „Самоглас“. На настанот организиран...