Заедно со Албанија и Косово, нашата земја останува меѓу последните во регионот што ќе прави реформи во железничкиот транспорт. Железници на РСМ – Транспорт засега е единствениот транспортен оператор во Македонија, што не е случај и во другите балкански земји. И Србија успеа пред нас да изврши поделба на државната железница на две претпријатија – „Србија воз“ надлежна за патничкиот сообраќај и „Србија карго“ надлежна за товарниот транспорт.

Консултантска куќа во моментов изработува студија за преструктурирање на Железници на РСМ – Транспорт, која што до крајот на годинава треба да ги достави до владата моделите за преструктуирање на единствениот транспортен оператор во земјава.

Од Министерството за транспорт и врски за „Мета.мк“ велат дека консултантот во моментов работи на анализа за сегментација на компанијата. Најдобриот модел за преструктуирање на Железници на РСМ – Транспорт ќе се знае откако ќе се изготви анализата.

Засега е неизвесно дали нашата влада ќе добие препораки слични на останатите земји во регионот, кои веќе успеаја да ги трансформираат тамошните државни компании. Бугарија во 2007 година формираше холдинг во државна сопственост, составен од четири компании. За товарниот превоз е одговорна посебна фирма, која на либерализираниот пазар се натпреварува со приватни оператори. Во патничкиот транспорт постои само едно претпријатие, кое од бугарската влада добива субвенции за покривање на загубите во превозот на патници.

И Хрватските железници се поделени на три друштва со ограничена одговорност: „HŽ Kargo“, „HŽ Putnički prijevoz“ и „HŽ Infrastruktura“. Во Црна Гора одговорно за превозот на патници со воз е „Željeznički prevoz Crne Gore“, додека за товарниот транспорт одговорно е претпријатието „Montekargo“. Грција е исклучок во регионот, бидејќи мораше во екот на економската криза да ја продаде тамошната железница „TrainOSE“ на италијанската државна железница „Ferrovie dello Stato Italiane“.

Трансформацијата на Железници на РСМ – Транспорт е клучна за натамошниот развој на железничкиот транспорт во земјава, којшто во моментов бележи слаби резултати во работењето. Поделбата на две претпријатија за патнички и товарен транспорт би ја отворило вратата за влез на приватни оператори на македонските пруги, но засега од Министерството за транспорт и врски се резервирани по ова прашање:

– Во Законот за железнички систем стои одредба дека либерализацијата на железничкиот пазар ќе се случи со влегување на Република Северна Македонија во Европската Унија – велат од ова министерство.

Покрај поделбата на две претпријатија, државава има можност да ја продаде Железници на РСМ Транспорт на заинтересиран странски инвеститор, но тогаш уште понејасно е дали новиот сопственик би бил воопшто заинтересиран да ги одржува патничките возови што прават загуби во работењето. Од македонскиот државен буџет за 2019 година се издвоени субвенции во висина од 430 милиони денари за покривање на загубите во превозот на патници.

Сепак, во Бизнис планот на Железници на РСМ – Транспорт за 2019 година стои дека загуби во работењето прави не само патничкиот сообраќај, туку и превозот на стоки. Планираните загуби за годинава во товарниот сообраќај изнесуваат над 4,6 милиони евра, додека патничките возови ќе предизвикаат загуби од 7,4 милиони евра. Во меѓувреме, бројот на патнички возови во земјава постојано опаѓа, а заедно со нив се намалува и интересот на граѓаните да патуваат со воз.