fbpx

За 2,5 пати е намален превозот на стоки со воз од 2008 година (инфографик)

-

Македонски железници – Транспорт лани успеала да транспортира 1.668.000 тони стока во домашниот и меѓународниот железнички сообраќај. Превозот на стока со воз е зголемен за 7,1% во споредба со 2017 година, кога со товарни вагони биле превезени 1.557.000 тони стока. Сепак, ваквиот резултат во работењето е далеку од обемот на превезен товар од пред една деценија, кога со воз во нашата земја биле превезувани и над 4 милиони тони стока.

Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат три големи пада на товарниот железнички превоз во последните 35 години. Најдрастичен пад е забележан при распадот на СФР Југославија и губењето на некогашниот југословенски пазар. Пред тоа, железницата во земјава успевала да превезе меѓу 6 и 8 милиони тони стока годишно. По надминувањето на транзицискиот период, ситуацијата со товарниот железнички сообраќај била подобрена во текот на првата деценија од XXI век за време на стабилизирањето на севкупната економска и политичка состојба во земјава. Сепак, од 2009 година повторно почнува да опаѓа обемот на превезена стока со воз.

Последниот позначаен пад кај превозот на товар со воз е забележан веднаш по појавувањето на бегалската криза на границата со Грција во 2015 година. И покрај напорите што ги вложува за да го зголеми обемот на работа, Македонски железници – Транспорт во изминативе четири години има за 2 и пол пати помал обем на превезен товар во однос на 2008 година.

Во бизнис планот за 2018 година на МЖ – Транспорт е наведено дека товарниот железнички сообраќај ќе продолжи да расте во периодот до 2020 година. И покрај оптимистичките прогнози, превозот на товар со македонските возови создава загуби во работењето на националниот железнички оператор.

Приходот од товарниот сообраќај во 2018 година се очекувало да изнесува 724.500.000 денари, но трошоците се многу поголеми – 1.031.300.000 денари. Како резултат на ова, загубите од работењето на МЖ – Транспорт кај превозот на стоки за 2018 година било проектирано да се искачат на 306.800.000 денари.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ЕУ воведе санкции кон Русија поради смртта на Навални

Вчера Европската Унија одговори на смртта на рускиот опозиционер Алексеј Навални со нови санкции, јавува ДПА повикувајќи се на дипломатски извори. Санкциите претходно ги најави шефицата на германската дипломатија Аналена...