Литар сончогледово масло е цената за литар пиво во германски паб

Фото: Gerrie van der Walt on Unsplash

Еден паб во Минхен најде нов начин да го надмине недостигот на масло за јадење во Европа, така што им дозволи на клиентите да го платат своето пиво со сончогледово масло за да обезбедат обилни залихи за пржење шницли, објави Ројтерс.

Со оглед на тоа што Украина и Русија сочинуваат околу 80 отсто од светскиот извоз на сончогледово масло, многу европски земји се соочуваат со недостиг на масло, откако Русија ја нападна Украина.

Менаџерите на пабот „Giesinger“ во јужниот дел на Минхен мислат дека го имаат одговорот, со тоа што на љубителите на пивото ќе им понудат да платат литар од омилениот пијалок со литар масло.

„Ни снема масло во кујната и моравме да бидеме инвентивни“, изјави менаџерот Ерик Хофман за Ројтерс.

Досега собрале 400 литри масло за готвење.

Литар пиво чини седум евра во германските пабови, додека литар масло во продавниците чини 4,5 евра, што ја прави понудата на овој паб примамлива.