Избори на 5 јуни се можни и тие ќе бидат можност за залекување на раните предизвикани од долготрајната политичка криза во државата, која ја задржува земјата во интерграцијата во НАТО и во Европска унија, смета британскиот државен министер за Европа, Дејвид Лидингтон.
– Изборите со кредибилитет се можни на 5 јуни, но за тоа да се случи, неопходно е сите да дадат свој придонес, односно да ги стават настрана интересите на политичката партија или личните интереси и да работат во насока на реализација на промените за кои сите се согласиле со Договорот од Пржино – вели Лидингтон.
Според него, меѓународната заедница не може да ја реши политичката криза за Македонија, туку тоа треба да го направат политичките лидери и македонските граѓани.
– Она што ние можеме да го направиме е да следиме што се случува и да процениме колку е реализиран Договорот од Пржино во однос на резултатите. Ние не можеме да управуваме со Македонија како еден вид меѓународен протекторат. Меѓународната заедница ќе направи процена за напредокот што е постигнат во однос на заложбите преземени со Договорот од Пржино – рече Лидингтон.
Според него, ДИК треба да ги реализира задачите без политичко мешање, а водењето и ажурирањето на избирачкиот список е огромен и тежок предизвик.
Британскиот државен министер за Европа се надева дека новата влада ќе успее да направи чекор напред не само во однос на програмата за внатрешни реформи, туку и во разговорите со Грција за решавањето на прашањето за името.