fbpx

Лекарската комисија не најде пропусти во третманот на шестгодишната Јана која почина во битолската болница

Комисијата, од анамнезата добила податок дека девојчето прележало ковид пред шест месеци. Според резултатите, таа имала воспалителна реакција која го зафатила срцето

-

Комисијата за стручен надзор, составена од детски ендокринолог, пулмолог, кардиолог, хематоонколог и анестезиолог утврдила дека се преземени соодветни чекори во однос на анализи, третман и опсервација на шестгодишната Јана Христовска, која на 22 март почина во битолската болница.

„Комисијата за стручен надзор за случајот со лекувањето на 6-годишната пациентка Ј.Х. во Клиничка болница Битола, констатираше дека според анамнезата, клиничкиот преглед и работната дијагноза, се преземени соодветни чекори во однос на анализи, третман и опсервација на пациентката“, се вели во соопштението на Министерството за здравство.

Комисијата, од анамнезата добила податок дека девојчето прележало ковид пред шест месеци. Според резултатите, таа имала воспалителна реакција која го зафатила срцето.

„По направените лабораториски анализи наодите укажувале на мускулно-воспалителна реакција со покачени вредности на креатин киназа и креатин киназа MB, во рамки на вирусен инфект кој го зафатил и срцевиот мускул со покачена вредност на срцевиот ензим-тропонин“, стои во соопштението и се заклучува дека „по влошување на состојбата, заклучок на Комисијата е дека се преземени потребните чекори, согласно медицина базирана на докази и клиничката слика на пациентката“.

Комплетниот извештај од Комисијата за стручен надзор ќе биде проследен до Јавното обвинителство, кое отвори предмет за трагичниот настан.

Јовески: Обвинителството сослушува сведоци за смртта на Јана, се чека наодот од обдукцијата

Родителите на шестгодишното девојче тврдеа дека несоодветниот третман во битолската болница довел до смрт на нивната ќерка. Тие за дел медиуми изјавија дека нивната ќерка претходно немала никакви сериозни заболувања а дека во последните денови, пред да биде донесена во болницата „Д-р Трифун Пановски“ имала температура, болки во грлото и во мускулите и оток на очниот капак.

Државниот здравствен и санитарен инспекторат не најде недоследности од негова надлежност во третманот на шестгодишната Јана во битолската болница. Во меѓувреме, се чекаат резултатите од обдукцијата кои треба да покажат која била причината за смртта, а се чека и на исходот од истрагата на Јавното обвинителство.

Минатата недела, битолчани на плоштадот „Магнолија“ излегоа на протест за смртта на Јана.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Уапсени двајца руски новинари под обвинение дека работеле за фондацијата на Алексеј Навални

Двајца руски новинари се уапсени под обвинение за „екстремизам“, поради обвиненијата дека работеле за група основана од починатиот руски опозициски политичар Алексеј Навални, пренесе Гардијан. Новинарите Константин Габов и Сергеј...