Вкупно 4.900 ученици од денеска ќе бидат тестирани за ТИМСС

Со учеството во меѓународните студии, се мерат постигањата на учениците и се добиваат бројни податоци за образовните системи, наставните програми, наставниот процес, постигањата на учениците, работата на наставниците, како и споредување на постигањата на учениците на меѓународно ниво

Фото: Antoine Dautry on Unsplash

Од денеска започнува тестирањето ТИМСС (Trends in International Mathematics and Science Study), со кое се опфатени 150 основни училишта од државата. До крај на наставната година ќе бидат тестирани околу 4.900 ученици на македонски и на албански јазик.

Kaко што информираат во Министерството за образование и наука, со учеството во меѓународните студии, се мерат постигањата на учениците и се добиваат бројни податоци за образовните системи, наставните програми, наставниот процес, постигањата на учениците, работата на наставниците, како и споредување на постигањата на учениците на меѓународно ниво.

„Тоа е важно за понатамошното креирање на образовните политики со кои МОН ќе обезбеди поквалитетно образование за сегашните и идни генерации ученици“, велат оттаму.

Мета.мк веќе пишуваше за ТИМСС тестирањето.

„Република Северна Македонија е вклучена во 4 меѓународни студии: ПИСА, ТИМСС, ПИРЛС и ТАЛИС. Согласно динамиката на реализација на циклусите на овие студии оваа учебна година Државниот испитен центар за прв пат електронски ќе го спроведе ТИМСС главното тестирање во четврто одделение во 150 основни училишта на примерок од околу 4.500 ученици. Во тек се подготовки на истото“, рекоа неодамна за Мета.мк од Државниот испитен центар.

Точно пред една година, во наши училишта се одржа пробно ТИМСС тестирање, наменето за ученици во четврто одделение. За прв пат беше изведено на компјутер, а за таа намена ДИЦ обезбеди повеќе од 100 лаптопи за да може да се одговори на барањата од технички аспект.