Лабораторија на ПМФ ќе контролира дали се загадуваат воздухот и почвата додека се чисти линданот од ОХИС

Фото: Архива на Мета.мк

Мониторинг на чистењето на малата депонија со линдан во ОХИС и следење на можните емисии на загадувачки супстанци во воздухот и во почвата, ќе се врши со новата опрема на лабораторијата за хроматографски анализи на Институтот за хемија на ПМФ, донација од Норвешка. Чистењето на линданот започнува во јули и ќе трае една година. Министерот за животна средина Насер Нуредини денеска, за време на посетата на лабораторијата на ПМФ, најави дека преку УНОПС се обезбедени средства да се исчисти целата количина на линдан во малата депонија и контаминираната земја со која е затрупана.

„Две агенции на ООН ќе работат на санирање на историското жариште во ОХИС, УНИДО ќе спроведе првична ремедијација на 450 тони изомери на HCH и 200 тони контаминирана почва, а дополнително УНОПС ќе биде одговорен за ремедијација на 240 тони линдан и 653 тони контаминирана почва од малиот базен во ОХИС. Средствата за чистењето на малата депонија се обезбедени преку ГЕФ, Норвешка и нашата Влада. Ова е прв голем чекор да се најде решение за овој голем еколошки проблем со кој се соочуваме со децении. Во ОХИС започнуваме со малата депонија, но работиме на изнаоѓање средства да се исчисти и големата“, најави Нуредини.

Фото: Мета.мк

Во моментов во тек се подготвителните работи, а активностите на терен се очекува да започнат следниот месец. Пред започнувањето на чистењето на малата депонија ќе бидат остварени контакти со локалното население кое ќе биде информирано за сите мерки кои се преземени за безбедно чистење. Во текот на целиот процес со новата опрема на лабораторијата на Институтот за хемија ќе се следат емисии на загадувачки супстанци и во воздухот и во почвата. Лабораторијата, како донација од Норвешка доби гасен хроматограф, семплери, концентратори и друга лабораториска опрема, вредна над 90.000 долари. Заменик-амбасадорот на Норвешка, Геир Јохансен, информира дека заедно со Владата е воспоставен Мулти-партнерски фонд за животна средина за ОХИС со кој раководи УНОПС и досега во него се донирани 1,5 милиони евра за различни активности.

Покрај редовниот мониторинг на чистењето на линданот во ОХИС, лабораторијата, со новата опрема ќе може да врши и истражувачка работа за анализа на пестициди и други органски загадувачи, а наскоро ќе биде финализиран и процесот на акредитација на лабораторијата.

Фото: Мета.мк

„Основната цел е да се контролира животната средина додека се врши чистење на линданот и неговите изомери во кругот на ОХИС, додека долгорочна цел е, со постојано надградување и зајакнување на капацитетите, да се вклучиме во мониторинг програми за органски загадувачи како една од неопходните алатки во справувањето со загадувањето. За време на чистењето на линданот и неговите изомери ќе се прават анализи на органохлорни пестициди во примероци од почва и воздух во околината на ОХИС. Во иднина, пак, ќе мониторираме и други органски загадувачи и испраливи органски соединенија во воздухот, особено во зима кога е изразен проблемот со аерозагадувањето“, вели Марина Стефова, раководител на лабораторијата.