Фото: АРМ

Инженерците на АРМ реконструирале или пробиле 60 километри патишта на Армискиот полигон „Криволак“, кој во март интензивно се уредува во пресрет на меѓународната воена вежба „Одлучен удар 21“. Полигонот, што повеќе од една деценија се најавува како регионален полигон, добива и нови содржини, со кои се засилуваат неговите капацитети за одржување сложени воени вежби. Покрај обновата, надградбата и проширувањето на патната инфраструктура, со поддршка на САД се спроведуваат пет инфраструктурни проекти, меѓу кои две нови стрелишта за оклопни возила, за унапредување на капацитетите на полигонот.

Фото: Министерство за одбрана

АРМ и министерката за одбрана Радмила Шекеринска Јанковска вчера објавија до каде стасале инженерците на АРМ со изградба и реконструквија на патишта, која ја почнаа пред неколку месеци.

„Околу 60 км пробиени или реконструирани сообраќајници на Криволак, со ангажман на Армијата и армиските инженериски машини. Резултат за почит! Нашиот армиски полигон спремно ќе ги дочека сојузниците за вежбата “Одлучен удар 21”! “, напиша Шекеринска.

Фото: АРМ

На средината на март на Криволак ќе пристигнат околу 275 припадници на 15. Инжинериски баталој на Армијата на САД во Европа, кои со нивните македонски колеги интензивно ќе го подготвуваат полигонот за претстојната вежба.

Од Армијата соопштија:

Резултати за респект. Инженерискиот баталјон од составот на Командата за операции во текот на изминатата речиси една година интензивно извршува работни активности на АП „Криволак“ со цел подобрување на патната инфраструктура и другите објекти. Нивната неуморна работа со реализираните активности се дел од подготовките за создавање на оптимални услови за реализација на вежбата „Одлучен удар 21“ која ја отпочнуваме наскоро. Во оваа етапа од активностите вкупно се пробиени или реконструирани околу 60 км сообраќајници.

Фото: Министерство за одбрана

На крајот на февруари Шекеринска и американската амбасадорка Кејт Брнз најавија амбициозен проект за развој на Армискиот полигон „Криволак“, во пресрет на пролетната вежба на која ќе учествуваат повеќе од 1.200 македонски, околу 700 американски, како и војници од Бугарија и Грција. Планот, развиен со САД, се однесува на неколкугодишен развој на полигонот и опфаќа инфраструктурни проекти и планови за вежби.

Со тоа ќе бидеме и конкурентни, со тоа ќе можеме да придонесеме, со тоа на некој начин ќе можеме дури да обезбедиме и финансиска надокнада, бидејќи еден дел од сојузниците бараат вакви места каде што овие вежби се возможни, каде што ќе имате доволно голем простор“, изјави тогаш Шекеринска.

Фото: Министерство за одбрана

Американската администрација, но и американските трупи кои доаѓаат на Криволак, постојано го нагласуваат значењето на полигонот како капацитет и потенцијалите кои ги има.

Шефот на Бирото на националната гарда на САД генерал Џозеф Ленгиел, кој беше на Криволак на посета на вежбата „Одлучен удар“ во 2019 година нагласи дека најголемиот полигон во регионот ќе биде клучен во извежбување и обука.

На Криволак можат да се извежбуваат сложени операции на здружени копнени и воздухопловни сили, комбинирани операции на конвенционални трупи и специјални сили, борбени операции во урбан терен… Полигонот се смета за исклучителен капацитет и според големината и климатските услови, но и инфраструктурата и поради непосредната близина на Коридорот 10.