Полигонот Криволак во иднина ќе биде клучен за обука и извежбување, оцени генералот Џозеф Ленгиел, шефот на Бирото на националната гарда на САД, при својата посета на вежбата „Одлучен удар“ на најголемиот воен полигон во регионот.

Од почетокот на досега најголемата воена вежба што ја организирала АРМ со неговата оценка се согласија сите кои го споменаа армискиот полигон – од министерката за одбрана Радмила Шекеринска, до македонските и американските офицери на теренот.

– Криволак ќе им овозможи на нашите здружени сили извонредни можности за заедничка обука, но и одлични можности за американските сили во регионот. Направивте одлична работа со уапредување на капацитетите на полигонот.Тој во иднина ќе биде клучен за обука и извежбување – рече Ленгиел при посетата на вежбата, во која учествуваат по 1.300 македонски и американски војници и стотина нивни колеги од четири други сојузнички земји.

САД практично веќе го сметаат Криволак за регионален центар за увежбување и обука. Само во последниве две години, нивните трупи од регионот учествуваат на четири вежби на македонскиот армиски полигон.

– Минатата есен и годинава имавме две вежби на американските сили од КФОР, а минатата година ја изведовме вежбата “Dragoon Guardian”, на која учествуваат околу 300 американски војници. Криволак е не само голем капацитет, туку и голем потенцијал за економски развој на локално и на национално ниво. Тој може да биде и извор на приходи за модернизацијата и опремувањето на АРМ  – оцени полковник Тимоти Бјукен, одбранбено аташе на САД, непосредно пред почетокот на тековната меѓународна вежба на полигонот.

Според генерал-мајор Павле Арсоски, командантот на Здружената оперативна команда на АРМ, можностите и важноста на Криволак најдобро ги покажува токму „Одлучен удар“. На вежбата трупите од шест земји ќе треба заедно и истовремено да изведуваат операции на здружени копнени и воздухопловни сили, комбинирани операции на конвенционални трупи и специјални сили,  и борбени операции во урбан терен. На вежбата има 26 настани, 96 задачи и 13 тактички вежби со боево гаѓање со пешадиско оружје, артилерија и хеликоптери.

– Оваа вежба покажува дека полигонот „Криволак“ е исклучителен капацитет и според големината и климатските услови, но и инфраструктурата. Правиме големи напори да го промовираме во регионален тренинг центар. Тој е уникатен во овој дел од Европа според просторот, климата и својата големина, но и поради непосредната близина на Коридорот 10. Сега е веќе јасно дека е препознаена неговата важност – смета генерал-мајор Арсоски.

Полигонот доби пофалби и од командантот на 56. Страјкер бригада полковник Мајкл Вегшајдер, чии војници учествуваат во вежбата „Одлучен удар“, кој смета дека е одлична локација со огромен потенцијал за заедничко унапредување на вештините и нуди можности за многу единици во Европа, како и за трупите во КФОР, особено за обука на единици на ниво на чета и баталјон.