fbpx

Жителите на Иловица и во археолошките ископувања гледаат обид за старт на рудникот

Во недостиг на официјални информации се погласни се и шпекулациите дека ископувањата се некој вид подготовка на терен за активирање на изградбата на рудникот и дека интенцијата е да се прикаже дека на теренот на рударската концесија нема вредни археолошки наоѓалишта

-

Повторно тензии околу рудникот Иловица-Штука откако на концесискиот простор во ридовите над струмичките села Иловица и Штука пред два дена започнаа археолошки ископувања. Според информациите кои ги добивме од локалното население, постои вознемиреност кај жителите на селата кои гравитираат кон реонот на кој се предвидува отворање на рудникот за бакар и злато, чиј концесионер е фирмата „Еуромакс рисорсис“ бидејќи на теренот се забележани активности и присуство на археолози, на работници на компанијата и на силно приватно обезбедување.

Во недостиг на официјални информации, помеѓу населението на селата Иловица и Штука се шпекулира околу тоа кој и со каква намера копа по ридовите над овие струмички села.

– Археолошкиот музеј од Струмица започна со подготвителни археолошки ископувања на просторот на концесијата на рудникот, финансирани од страна на компанијата концесионер Иловица Штука и тие ќе траат два месеца. Потоа, во зависност од наодите, ќе му предложиме на државниот Завод за заштита на културното наследство какви идни чекори би требало да се превземат во поглед на наодите на теренот – вели  директорот на Музејот, Ацо Манински.

Според Манински, инвеститорот има обврска да повика надлежна институција која треба да го истражи теренот и да утврди дали таму се наоѓа некакво вредно културно наследство пред да почне со експлоатација на рудата.

– Досега се познати пет до шест локалитети на кои ќе се работи во наредниов период и со оглед дека во моментов струмичкиот Музеј и Завод за заштита наспомениците на културата нема други тековни проекти како ни пари да врши археолошки истражувања на овој терен кој е пребогат со историја, сметаме дека е добро што имаме можност да работиме на ископувањата на локациите над Штука и Иловица – смета Манински.

Тој укажува на можноста на теренот да бидат пронајдени вредни траги од културното и историско минато на овој крај, бидејќи и од порано се познати локалитетите во овој дел од струмичката котлина.

Сепак, локалното население не го дели истиот ентузијазам со директорот на струмичкиот Музеј.

Откако вчера се обиделе да добијат конкретни одговори од Манински што и зошто се копа на теренот над Иловица и Штука и зошто никој не ги информирал за намерите на Еуромакс и на струмичките архолози, членовите на делегацијата на жителите на овие села и на еколошките активисти кои се борат против отворањето на рудникот од директорот на струмичкиот Музеј добиле и пријава во полиција за наводни закани упатени кон него и кон тимот кој ископува на лице место.

– Не е точно дека сме се заканувале. Сакавме само најкултурно да побараме одговори на нашите прашања што се случува на терен и да им укажеме на надлежните дека е погрешно вакви зафати да организираат без преходно да им објаснат на граѓаните за што се работи, поткревајќи ги на тој начин ионака веќе до крајност заострените тензии – вели Милена Зафирова од еколошката иницијатива „Младите на Штука-Иловица против рудникот“, која била присутна на средбата со Манински.

Според Зафирова, која и самата е по струка археолог, во ридовите над Штука има девет индицирани архолошки локалитети од кои најмалку еден – локалитетот Црквиште – има потенцијал „многу да ја изненади научната и пошироката јавност со она што го крие“.

– На оваа локација има остатоци од ѕидови високи и до 5 метри, се гледаат темели на ранохристијанска црква и претпоставувам дека се работи за нешто многу значајно – додава Зафирова.

Дека на локалното население не му е докрај јасно што се крие зад ненајавените ископувања на теренот каде се планира рудникот, иако за такво нешто има обврска концесионерот, за „Мета“ потврдува и Ѓорги Танушев активист од „Здрава котлина“. Тој додава и дека загриженоста е разбирлива кога се има предвид дека ископувањето се врши во моментот кога „Еуромакс рисорсис“ има истечена и практично неважечка концесија и кога е Владата на потег за да постапи според одредбите на важечкиот Закон за минерални суровини и да му ја одземе концесијата бидејќи компанијата не исполнила неколку важни предуслови за да добие дозвола за работа и според тоа нема никаков основа во овој момент да финансира било какви истражувања на терен, па и археолошки.

Во недостиг на официјални информации се погласни се и шпекулациите дека ископувањата се некој вид подготовка на терен за активирање на изградбата на рудникот и дека интенцијата е да се прикаже дека на теренот на рударската концесија нема вредни археолошки наоѓалишта, што е еден од предусловите на „Еуромакс рисорсис“да му биде биде издадена дозвола за експлоатација на рудата.

Од „Еуромакс рисорсис“ најавија дека во текот на утрешниот ден ќе дадат одговор на прашањето за какви активности точно се работи на теренот и по која основа тие се изведуваат.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Излезноста до 15 часот е 35,9 отсто, 7 отсто повеќе од 2019 година

До 15 часот на првиот круг на претседателските избори гласале 392.066 гласачи  од вкупно 1.092.341, односно 35,89 отсто, соопшти Државната изборна комисија (ДИК). Излезноста е повисока во споредба со процентот...