Во Основниот суд Скопје 1 попладнево се случила расправија, а потоа и физички напад меѓу двајца вработени, потврдија за „Мета“ од судот.

Оттаму информираат дека вработен во судот првин почнал расправија со колега, упатувајќи му закани по животот, а потоа и физички го нападнал. Случајот бил пријавен во полиција, која дошла во судот и направила записник. Од судот, сепак, не откриваат која била причината за кавгата меѓу двајцата колеги.

„Во судот денеска имало настан во кој еден од вработените најпрво вербално нападнал друг вработен со закани по неговиот живот, а потоа и физички го нападнал, по што нападнатиот ги известил претпоставените во судот дека за истото ја информирал полицијата, која пристигнала во судот и го документирала настанот, а целиот настан се случил пред друг вработен кој бил сведок“, велат од Кривичниот суд.

Од судот ги отфрлаат како шпекулации информациите дека во инцидентот било превртено биро и бил кршен инвентар, како и тоа дека во случајот бил инволвиран претседателот на Основниот суд Скопје 1, Владимир Панчевски.

Дел од медиумите објавија дека инцидентот избувнал откако вработена во судот, наводно блиска до Панчевски, барала да не се напаѓа и клевети претседателот на судот, на што реагирал нејзин колега, кој се втурнал кон неа и превртел биро.