Нарушени авторски права, плагијати, неконтактирање на втората страна во сториите беа само дел од прекршувањата на Кодексот на новинари во новинарски текстови кои беа констатирани на денешната јавна седница на Комисијата за жалби при Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ).
На седницата на комисијата за жалби присуствуваа студенти од различни универзитети, со цел да се запознаат со Кодексот на новинарите и етичките стандарди во известувањето и да се запознаат со работата на СЕММ. На присутните им беше објаснет и процесот на разгледување жалби и донесување одлука, а дополнително им беа образложени и насоките за етичко известување во онлајн медиумите.
На седницата, комисијата составена од Мирче Адамчевски, Снежана Трпевска, Мери Јордановска, Димитар Мицев и Теофил Блажевски разгледуваше 11 жалби кои биле доставени до нив поради прекршување на новинарските стандарди.
Најголемиот број од доставените жалби беа за плагијати или нарушени авторски права, односно преземени текстови, фотографии, видеа од медиуми, без дозвола од медиумот кој ги создал. Медиумите кои ги објавиле оригиналните текстови за жалеле и во однос на тоа дека не е наведен изворот кога им бил преземен текстот. Во сите овие случаи, комисијата констатираше дека е прекршен членот 12 од кодексот, според кој „плагијаторството е неприфатливо“. Комисијата воедно апелираше до медиумите кои го прекршиле тој член од кодексот, да ја поправат грешката и да го наведат соодветниот извор со линк, кога преземаат текстови, фотографии и видеа.
„Тоа е кражба на туѓ труд, туѓо авторско право. Украденото го претставуваат како свое”, вели Мирче Адамчевски, претседател на Kомисијата за жалби.
„Колегите треба да имаат почит кон трудот на останатите и кога преземаат вест или информација, изворот треба да биде јасно назначен. Авторот на сторијата потрошил ресурси, време и вложил труд, па оттаму недозволиво е некој едноставно да си направи копи-пејст и да си го презентира како свој труд“, рече Мери Јордановска, член на комисијата.
Се разгледуваа и жалби кои беа поднесени затоа што не била контактирана втората страна во објавени текстови во медиумите. Во овој случај, комисијата одлучуваше дека е прекршен првиот член од новинарскиот кодекс.
„Било каков обид да се обезбеди и втората страна е подобар од објавување вест која се базира на неименуван извор“, заклучи комисијата.
Настанот беше одржан по повод Деновите на медиумска писменост, кои се одржуваат од 24 до 31 октомври.