Министрите за надворешни работи завршија со нивниот дел, преговорите продолжуваат на експертско ниво, а кога ќе завршат и тие, текстовите подготвени од министрите ќе бидат во рацете на премиерите за конечен договор, вели шефот на грчката дипломатија Никос Коѕиас во врска со преговорите за името.
– Двајцата министри за надворешни работи завршивме со она што го презедовме од премиерите на двете земји. Денеска и веројатно утре, ќе продолжат преговорите на експертско ниво – она што треба да се реши се техничко – правните прашања. Веднаш штом завршат и тие и штом ќе бидат разјаснети техничките и правните прашања, текстовите подготвени на ниво на министри за надворешни работи ќе им бидат дадени на двајцата премиери, кои ќе разговараат и ќе постигнат конечен договор – вели шефот на грчката дипломатија.
Коѕиас денеска во Германија ќе се сретне со претседателот Франк Валтер Штајнмаер, додека пак утре ќе се сретне со неговиот германски колега.
Од министерството за надворешни работи на Грција, соопштуваат дека во текот на јуни, Коѕиас ќе ја посети Москва по покана на рускиот МНР, Сергеј Лавров, а потоа во Атина, ќе го прими шефот на француската дипломатија.
„Конкретниот циклус високи контакти на министерот за надворешни работи ќе заврши со официјална дводневна посета на Кина во текот на летото“, соопштуваат од грчкото МНР.