fbpx

Ковачевски за М-НАВ: Тоа е семејна фирма со вработувања до трето колено

Таму има запослувања до трето колено. Претседателот на синдикатот, па татко му работи таму, тој, брат му. На крај институцијата станува како семејство кое се однесува како што се однесуваат луѓето по дома, вели премиерот за случувањата во М-НАВ

-

Премиерот Димитар Ковачевски вели дека со М-НАВ како институција треба посериозно да се занимаваат не само Владата, туку и Еуроконтрол, од каде што доаѓаат финансирањата. Тој, по вчерашната седница на Владата каде што беа избрани двајца нови директори, а разрешени претходните, вели дека институцијата е станата налик на семејна фирма.

„Кога ќе погледнете, таму има запослувања до трето колено. Претседателот на синдикатот, па татко му работи таму, тој, брат му. На крај институцијата станува како семејство кое се однесува како што се однесуваат луѓето по дома“, рече Ковачевски.

Тој смета дека треба да се испита, како што впрочем според него изјавиле и од ЕУ, начинот на кој се прават конкурсите, како и начинот на кој се селектираат кандидатите.

„Премногу случајности има, а можеби тие случајности и не се така случајни“, изјави премиерот.

Ковачевски додаде дека работата на синдикатите при М-НАВ треба да биде предмет на вонреден инспекциски надзор од страна на трудовиот инспекторат. Прашан дали со тоа се врши притисок врз синдикатите, Ковачевски одговори дека не се работи за никаков притисок туку за законски пропишана можност за надзор на работата на синдикатите.

„Апсолутно не е притисок врз синдикатите зашто законска можност е да се врши вонреден надзор на работата на синдикатите во рамки на надлежностите кои ги спроведуваат, дали излегуваат надвор од своите надлежности, така што, тоа е законски пропишана одредба и не претставува притисок“, додаде премиерот.

Во врска со вчерашната владина седница на која првично се предложи еден, а по неколку часа друг кандидат за извршен директор во М-НАВ, откако се утврди дека првопредложениот не ги исполнува условите за оваа функција, Ковачевски вели дека нема ништо спорно во тоа.

„Беа предложени и разгледувани повеќе кандидати и сметам дека е донесена добра одлука“, рече тој.

Вчера Владата првично ги предложи Илир Мехмети (поранешен директор на Управата за цивилна и воздушна пловидба) и Милан Кораќ (оперативен инженер техничар во М-НАВ) за нови директори на М-НАВ.

Но, само што беше именуван Мехмети, Владата на истата седница ја смени одлуката под притисок на Синдикатот на контролорите на летање. На негово место, за директор на М-НАВ сега е именуван Хекуран Асани, кој таму работи како контролор на летање 20 години.

За Мехмети беше констатирано дека немал лиценца за контролор на летање, ниту пак такво работно искуство, а на Владата никој не ѝ кажал дека такво нешто е потребно, односно дека тој не го исполнува условот за директор.

На истата седница на Надзорниот одбор беше предложено разрешување на Фахрудин Хамиди, извршен директор, и Љубе Стаменковски, секторски- технички директор.

Не беше предложено разрешување на членот на Управниот одбор и директор на М-НАВ, Хасим Деари.

Ваквиот епилог на настаните и смената на раководството доаѓа по инцидентите минатата недела, кога осум лица упаднаа во канцелариите на македонска навигација на аеродромот во Скопје и нападнаа контролор на летање. Четворица од нив се во бегство, додека за останатите четворица, меѓу кои и Беким Незири, советник на директорот на М-НАВ и претседател на огранок на ДУИ, судот не го прифати предлогот на обвинителството за определување мерка притвор, туку единствено наложи мерки на претпазливост.

Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска изјави дека за случувањата имало реакција од НАТО, но истата не била официјална писмена реакција.

„Официјална писмена реакција, барем до Министерството за одбрана нема. Меѓутоа, секој вид комуникација ние го сметаме можеби не за загриженост, туку за заинтересираност за тоа што се случува, што е сосема легитимно. Во тој момент на тој ден, на аеродромот во Скопје слетаа два авиона од НАТО-земји членки со определна намена, така што јасен е интересот на земјите членки на НАТО кои што го изразуваат ова. Многу е важно, кога што и да се случи како оваа ситуација во М-НАВ, да постои реакција и да постои соодветно постапување“, рече Петровска.

Таа додаде дека Владата го завршила својот дел од задачата и ги разрешила директорите за кои сметала дека недоволно добро ја менаџирале институцијата.

„Компромис кога зборуваме за работите кои се однесуваат за безбедноста и на нашите граѓани меѓутоа и на граѓаните ширум светот, нема да има. И оттука сме должни сите ние и јас како министерка која сум политички именувана, но и сите други кои сме на вакви функции да гарантираме дека во институциите ќе владее професионализам“, рече Петровска.

Владата ѝ препорача на Агенцијата за цивилно воздухоповство да продолжи со започнатите активности кои произлегуваат од спроведениот вонреден инспекциски надзор за утврдување на состојбите околу безбедноста и обезбедувањето на воздушниот сообраќај и за истото да го информира ресорното министерство и Владата.

Владата го задолжи и Инспекторатот за труд да изврши вонреден инспекциски надзор за работењето на синдикалните организации во рамки на Акционерско друштво во државна сопственост за вршење на дејноста давање услуги во воздухопловна навигација „М-НАВ“ А.Д. – Скопје и за истото да ја информира Владата.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Одбележани 121 година од смртта на Гоце Делчев

Претседателските кандидати Стево Пендаровски и Гордана Сиљановска Давкова положија цвеќе на гробот на Гоце Делчев во црквата „Св.Спас“, по повод 121 годишнината од неговото загинување. „Никој нема право да се...