fbpx

Корона вирусот го одложи плаќањето на речиси половина од вкупните кредити

-

Заклучно со 31.5.2020 година, кредитите со одобрен грејс-период согласно со регулаторните измени заради ковид-19 зафаќаат 46,7 отсто од вкупните редовни кредити на нефинансискиот сектор, открива Народната банка во новиот извештај за ризиците во банкарскиот сектор.

Од аспект на структурата, околу две третини од овие кредити отпаѓаат на физичките лица, 33,9 отсто на претпријатијата и незначителни 0,2 отсто на трговците на мало. Анализирано по сектори, кај 59,5 отсто од вкупните кредити на домаќинствата и 30,7 отсто на нефинансиските друштва (фирми) е извршено привремено одложување на отплатата на обврските за кредитот.

Според одделните продукти на домаќинствата, застапеноста на кредитите со одобрен грејс-период заради ковид-19 е највисоко кај потрошувачките кредити (68,4 отсто), додека кај кредитните картички и пречекорувањата на трансакциските сметки и станбените кредити овие кредити бележат слично учество од околу 48 отсто.

Според одделните дејности на претпријатијата, кредитите со одобрен грејс-период имаат особено високо учество во вкупните кредити на клиентите од „дејностите на здравствена и социјална заштита“ (77,9 отсто), угостителската дејност (71 отсто) и „стручните, научните и техничките дејности“ (52,4 отсто).

По одделна банка, учеството на кредитите на домаќинствата со одобрен грејс-период се движи во интервал од 28,4 до 72 отсто, при што само кај три банки ова учество е под 50 отсто.

Од Народната банка објаснуваат дека со регулаторните измени се направи одредено олеснување околу признавањето на нефункционалниот статус на кредитите, преку поместување на прагот за стекнување нефункционален статус, од 90 на 150 дена.

„Ова олеснување може да доведе до забавување, па дури и намалување на растот на нефункционалните кредити во текот на вториот и третиот квартал од 2020 година. Но, банките се должни, по 30.9.2020 година до крајот на 2020 година, да ги применат вообичаените правила (според сите критериуми пропишани со регулативата) за утврдување на кредитните изложености како нефункционални и соодветно да ги признаат потребните исправки на вредноста на овие изложености, со цел да бидат соодветно опфатени во финансискиот резултат за годината“, се вели во извештајот на Народната банка.

Од Народната банка сметаат дека е реално да се очекува дека негативните ефекти од пандемијата ќе се одразат врз кредитоспособноста на клиентите, и тоа не само на правните лица, туку и на физичките лица, и тоа најпрво на оние со нестабилни/неизвесни месечни примања.

„Регулаторните измени за привремено олеснување на кредитниот товар на кредитокорисниците имаа за цел да овозможат нивно полесно справување со негативните притисоци од здравствената криза. Со оглед на продолженото изразено присуство на вирусот, а со тоа и на негативните ефекти врз домашната економија и реалниот сектор, Народната банка, доколку оцени дека постои потреба, соодветно ќе ги преземе потребните чекори, за што од клучно значење ќе бидат случувањата во третиот квартал од 2020 година“, укажуваат од Народната банка.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Со автоматска пушка влегол во казино во Лешок и украл над 300.000 денари

Наредба за истражна постапка против 28-годишен жител на селото Непроштено, Општина Теарце, кој е осомничен за разбојништво и поседување автоматска пушка, донесе Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Тетово. Во...