Неславен биланс на превезени патници во меѓународниот железнички сообраќај регистрирал Државниот завод за статистика. Во 2019 година биле превезени најмалку патници со воз кон странските дестинации во минатата деценија, а годинава за првпат во историјата е веројатно Македонија да нема ниту еден превезен патник со воз во меѓународниот железнички сообраќај поради затворените граници како резултат на пандемијата со ковид-19.

Меѓународните возови кон Белград, Солун и Приштина кои требаше да сообраќаат летово во моментов не функционираат, а не постојат ниту најави дали и кога би можеле да бидат пуштени во сообраќај. Бројот на превезени патници може да остане на нула, а со тоа и заклучокот дека ваквиот превоз кон странство е целосно замрен. Негативната состојба во меѓународниот железнички сообраќај трае веќе неколку години наназад, што е последица на фактот што меѓународните возови сообраќаат редуцирано, единствено во текот на летниот период.

Статистика минатата година регистрирала само 2.624 патници што биле превезени со воз кон странските дестинации, најмногу кон дестинациите во Србија и Грција. Ваквите бројки се за пет пати помали во однос на 2011 година, кога со меѓународните возови од земјава патувале 13.651 патници. Состојбата се влошува со намалувањето на бројот на меѓународните возови кон соседството минативе години, како и со ограничувањето на месеците во годината во кои тие сообраќаат.

За разлика од лошата состојба со патничкиот железнички сообраќај во Македонија, земјите-членки на ЕУ веќе седма година по ред бележат зголемување на бројот на превезени патници со воз. Особен раст се бележи во меѓународниот железнички сообраќај, кој во 2018 година го користеле дури 153.468.000 патници, односно за над 2 милиони патници повеќе во однос на претходната година, покажуваат податоците на Евростат.

Бројките на ниво на земјите-членки и кандидати за членство на ЕУ покажуваат дека Македонија е на самото дно според бројот на превезени патници со воз на меѓународните дестинации. Позади нашата земја се единствено Малта и Кипар, кои се островски земји и воопшто немаат железнички сообраќај во нивните земји. На неславното дно пред нас е единствено Грција со 17.000 патници, со која всушност треба заеднички да го развиваме транспортот на патници со возови. Наспроти ова, Франција со над 40.198.000 патници превезени со возови на меѓународните дестинации била апсолутен лидер на ниво на ЕУ во 2018 година.