Во рамките на својата програма за борба против дезинформациите и лажните вести, што на Балканот многу бргу ги минуваат границите и бргу осамнуваат во медиумите на друга држава и понекогаш и на друг јазик, „Мета.мк“ редовно пренесува што е актуелно кај сродните сервиси за проверка на фактите и борбата против дезинформациите во регионот, односно од Хрватска на север, до Грција на југ.
Босанскиот сервис за борба против дезинформациите raskrinkavanje.ba се зафати со серија дезинформации и ширење теории на заговор во различни медиуми од Србија и Босна и Херцеговина, за новиот корона вирус „2019-nCoV“ како биолошко оружје. Притоа во голем дел од текстовите се цитираат изјави на пензионираниот епидемиолог Радмило Петровиќ, кои беа оповргнати од страна на српскиот сервис за борба против дезинформациите raskrikavanje.rs, што Мета.мк го пренесе претходно.
Изнесувајќи неколку примери со ширење на теориите на заговор и дезинформациите, raskrinkavanje.ba пишува дека написите што ги анализира тврдат дека вирусот е создаден вештачки за биолошка војна, како и дека „лекот за него е веќе подготвен“ и ќе се продава за големи суми.
Но, босанскиот сервис за борба против дезинформациите порачува дека за тие тврдења нема докази и аргументи, туку само се изнесуваат теории на заговор и во медиумските содржини се прави манипулација со фактите.