Компанијата на Џеф Безос ја тужи НАСА поради потпишаниот договор со „Спејс Екс“ на Илон Маск

Месечина
Месечината/ фото: NASA на Unsplash

Вселенската компанија „Блу Ориџин“ (Blue Origin) на милијардерот Џеф Безос ја тужи Националната аеронаутичко-вселенска управа на САД (НАСА) поради одлуката на НАСА да ѝ додели договор за слетување на Месечината на компанијата „Спејс Екс“ (SpaceX) на Илон Маск, пишуваат американските медиуми.

Од „Блу Ориџин“ велат дека постојат неколку проблеми со договорот вреден 2,9 милијарди долари, кој го опишуваат како „неправеден“.  Во трката за потпишување на договор беа вкупно три компании.

Спорот произлегува од одлуката на НАСА донесена во април, според која поради недостаток на финансии беше склучен договор само со една компанија, онаа на Илон Маск, наместо со две како што се очекуваше. Од НАСА тогаш признаа дека нивниот буџет ги спречува да изберат две фирми, откако Конгресот одлучил да им додели само 850 милиони долари од побараните 3,3 милијарди за проектот. Одлуката договорот да се потпише со „Спејс Екс“ ја правдаат со тоа што тврдат дека оваа компанија доставила најниска понуда.

Во доставената тужба од „Блу Ориџин“ велат дека веруваат оти се потребни двајца провајдери за да го изградат системот за слетување кој ќе ги носи астронаутите на Месечината некаде во 2024 година. НАСА е обвинета и за „незаконска и неправилна проценка“ на предлозите на „Блу Ориџин“ за времетраењето на тендерот.

Минатиот месец Џеф Безос понуди да покрие до 2 милијарди долари од трошоците на НАСА за проектот, за договорот да биде преиспитан, но неговата понуда беше одбиена.

Според програмата наречена „Артемида“, НАСА очекува да ги врати луѓето на Месечината за првпат по 1972 година. Договорот со „Спејс Екс“ предвидува две лунарни слетувања – првото слетување ќе биде тестирано без луѓе, а второто со неколкумина астронаути.